ЛиДеМ и Форум на жени на ЛДП: Откако им порача на првачињата родителите да им направат братчиња и сестричиња, сега слуша попови за сексуалното здравје! Има ли крај лудилово?

Макфакс

10/09/2026

12:00

118

Големина на фонт

а а а

ЛиДеМ и Форум на жени на ЛДП ја критикуваат министерката Весна Јаневска за повлекување на наставната програма за сеопфатно сексуално образование и предупредуваат дека тоа е чекор назад во образованието, под влијание на верски притисоци и недостиг од стручно знаење.

„Министерката Весна Јаневска го изгуби целосно компасот на почетокот на учебната година и сега го доведе Министерството за образование до степен на целосен средновековен опскурантизам. Откако пред само неколку дена ја шокираше јавноста со бизарна изјава во која им порачуваше на шестгодишни деца нивните родители да прават деца т.е. братчиња и сестричиња, сега доживеавме нов институционален срам: наставната програма за Сеопфатно сексуално образование (ССО) за средношколци се повлекува одлучно и експресно, само затоа што еден владика ѝ напишал отворено писмо!“, велат од ЛиДеМ и Форум на жени на ЛДП.

„Иако министерката самата јавно призна дека „не е стручна“, наместо да ги слуша експертите, медицината, УНИЦЕФ, ИНТЕРПОЛ и Светската здравствена организација, таа одлучи здравствената едукација на младите да ја диктираат црковни догми“, изјави Тамара Гарческа од Либерално-демократската младина (ЛиДем).

Таа ги постави следните прашања од ЛиДеМ и ФЖ на ЛДП: Дали беше стручна кога препорачуваше кога промовираше зголемена сексуална и репродуктивна активност на родителите? Дали министерката навистина мисли дека со повлекувањето на образованието од училиштата ќе ги исчезне ризиците на кои средношколците се изложени секој ден? Дали знае министерката за случајот од оваа недела за 15-годишната средношколка од Македонија сексуално малтретирана на летот Скопје-Загреб? Дали знае во кој век живееме и каде тера?

„Податоците на домашните и меѓународните истражувања покажуваат сурова реалност што МОН свесно избира да ја игнорира: над 12.000 деца во Македонија се изложени на онлајн сексуална експлоатација, уцени, малтретирање и споделување интимни фотографии без нивна согласност. Во земја каде што малолетничките бремености се трипати повисоки од просекот во ЕУ и каде што се регистрираат сѐ поголем број нови случаи на ХИВ, повлекувањето на ССО не ги отстранува насилниците, ниту социјалните мрежи како ТикТок и Снепчет. Тоа само им го одзема на младите единственото оружје — знаењето како да се заштитат, како да препознаат злоупотреба, да постават граници и да кажат ‘НЕ’“, се вели во соопштението.

ЛиДеМ и Форумот на жени на ЛДП порачуваат дека образованието не смее да се води од страв, верски притисоци и политички кукавичлук.

„Запрете го лудилото и оставете ги младите да се едуцираат врз основа на наука, превенција и факти, а не од темните агли на интернетот и догматски сфаќања!“ порачува Тамара Гарческа од младите на ЛДП.