Основачот на „Lululemon“ и милијардер Чип Вилсон се разведува од својата сопруга Шенон Самер Вилсон по 20 години брак, а двојката нема предбрачен договор.
Богатството на Вилсон се проценува на околу 6,1 милијарди долари, поради што разводот би можел да го отвори прашањето за поделба на огромниот имот.
Парот се венчаше во 2002 година, а со години беа деловни соработници.

Шенон Вилсон беше меѓу првите вработени во „Lululemon“ и работеше како главен дизајнер во раните фази на развојот на компанијата. Чип Вилсон претходно и припиша значајна улога во претворањето на брендот во компанија вредна милијарда долари, како што објави „NYP“.
Според весникот, семејниот спор меѓу сопружниците веќе е во тек пред Врховниот суд на Британска Колумбија.
Документите првично биле поднесени во април, но судските записи се запечатени, па деталите од постапката не се јавно достапни.

Извори запознаени со разговорите на двојката изјавиле дека Чип и Шенон немаат предбрачен договор.
И двајцата ги напуштиле оперативните улоги во „Lululemon“ пред повеќе од една деценија, но Чип Вилсон сè уште поседува 8,6 проценти од акциите на компанијата, кои се проценети на речиси 1 милијарда долари.
Шенон Вилсон, која во меѓувреме го основа луксузниот моден бренд „Kit and Ace“, поседува околу еден процент од „Lululemon“, во вредност од приближно 100 милиони долари.
Вилсон се повлече од функцијата претседател на одборот на директори на „Lululemon“ во 2013 година по низа контроверзни јавни изјави.

Сепак, како еден од најголемите акционери, тој продолжи да се обидува да влијае врз насоката на компанијата, а на крајот на 2025 година влезе во конфликт со менаџментот, кого го критикуваше за резултатите од работењето.
Сепак, сега вниманието се префрла од работењето на компанијата кон приватниот живот на нејзиниот основач и прашањето што ќе се случи со средствата вредни милијарди долари во случај на развод без предбрачен договор.