Од денеска истекува периодот на флексибилна примена на Европскиот систем за влез и излез (ЕЕС) на границите на Европската Унија, што може да предизвика подолги колони на граничните премини, додека некои земји членки ќе продолжат да не ја применуваат биометриската контрола.
На патниците кои планираат да патуваат во Европската Унија од денеска повторно би можеле да им се закануваат подолги колони на границите, бидејќи истекува периодот на флексибилна примена на Европскиот систем за влез и излез (ЕЕС), кој предвидува регистрација на државјаните на земјите надвор од ЕУ и собирање биометриски податоци, вклучително и отпечатоци од прсти.
Рокот за флексибилна примена на системот истекува денеска, 6 септември, а Европската комисија не ја продолжи можноста за привремено суспендирање на контролите. Сепак, според повеќе информирани извори, некои земји членки на ЕУ нема да ги применуваат биометриските контроли во рамките на ЕЕС и по денешното истекување на периодот на флексибилна примена.
Авиокомпаниите претходно побараа можноста за флексибилна примена да остане во сила до крајот на 2026 година.

Авиоиндустријата и туристичкиот сектор наведуваат дека ублажената примена на правилата во изминатите месеци помогнала да се избегнат поголеми гужви и доцнења, откако на почетокот на летото на одредени европски аеродроми патници пропуштале летови поради долгите редици.
На одредени локации целосната примена на системот сè уште не е можна.
Според извори од авиоиндустријата, не се очекува целосна примена на контролите преку ЕЕС на најпрометните европски аеродроми. Во Грција, според истиот извор, граничните служби неофицијално ги изземале патниците од Велика Британија од контролите за да се избегнат гужви.
Британското туристичко здружение АБТА и Меѓународното здружение за воздушен транспорт (ИАТА) побараа продолжување на периодот на флексибилна примена на системот.
Европската комисија соопшти дека е во контакт со неколку земји членки на кои им се потребни дополнителни приспособувања на одредени гранични премини и дека е подготвена да им обезбеди поддршка во текот на тој период.












