[ФОТО/ВИДЕО] Тешко е да се поверува дека има 70 години: Оскаровката воодушеви во блескаво издание

Точка

05/09/2026

16:32

286

Големина на фонт

а а а

Оскаровката Џина Дејвис се појавила на 83. Венециски филмски фестивал, а за вечерното излегување избрала комбинација што потсетува на златното доба на Холивуд.

Седумдесетгодишната ѕвезда на култните филмови „Телма и Луиз“ и „Мува“ била меѓу гостите на премиерата на новиот филм на Пол Шредер, „The Basics of Philosophy“, кој бил прикажан надвор од главната конкуренција на фестивалот.


За појавувањето пред фотографите, таа избрала долг црн вечерен фустан украсен со блескави детали. Припиената силуета ја следела линијата на телото, додека квадратното деколте и високиот шлиц внеле доза заводливост во инаку мошне класичната креација.

Наместо впечатливиот фустан дополнително да го оптовари со модни додатоци, Дејвис остатокот од стајлингот го задржала елегантен. Дијамантскиот накит му дал дополнителна доза сјај на изданието, а долгата кафеава коса ѝ била пуштена и обликувана во меки, волуменозни бранови.


Резултатот бил токму онаков каков што се очекува од црвениот килим во Венеција – гламурозен, но без претерување.

Повеќе од четири децении пред камерите

Нејзиното појавување во Венеција доаѓа повеќе од 40 години откако за првпат зачекорила на големото платно.

Пред актерство, се занимавала со моделинг, а своето филмско деби го имала во 1982 година во хит-комедијата „Tootsie“ на Сидни Полак, покрај Дастин Хофман. Само неколку години подоцна следувала улогата што дополнително ја „вивна“ меѓу најбараните имиња во Холивуд – во хорор-филмот „Мува“ на Дејвид Кроненберг глумела покрај Џеф Голдблум, со кого подоцна била и во брак.


Големото признание пристигна во 1989 година, кога го освоила Оскарот за најдобра споредна женска улога за филмот „Случајниот турист“.

Сепак, филмот што трајно го запиша нејзиното име во историјата на популарната култура беше „Телма и Луиз“ на Ридли Скот од 1991 година. Дејвис, заедно со Сузан Сарандон, отелотвори една од двете пријателки чие навидум безгрижно патување се претвора во бегство, а филмот со текот на времето се стекна со статус на феминистички класик.


Улогата на Телма ѝ донесе номинација за Оскар за најдобра главна женска улога.

Колку овој филм останал значаен за нејзината кариера се покажа и оваа година. Дејвис и Сарандон се најдоа на официјалниот постер на Канскиот филмски фестивал во 2026 година, со кој беше одбележана 35-годишнината од „Телма и Луиз“. Дејвис во Кан се појавила во темен фустан од Памела Роланд, прекриен со светки и кристали, покажувајќи дека големите црвени теписи и денес не ѝ се непозната територија.

Улогата што ѝ го променила погледот кон Холивуд

Сепак, „Телма и Луиз“ за Дејвис не остана само една од нејзините најуспешни улоги.

Актерката повеќепати зборувала дека токму овој филм го променил начинот на кој размислува за застапеноста на жените на екранот. Подоцна, гледајќи телевизиски содржини со своите деца, почнала уште повеќе да забележува колку женските ликови, особено во содржините наменети за најмладите, се помалку застапени.


Тоа ја поттикнало во 2004 година да го основа Институтот „Џина Дејвис“ за родова застапеност во медиумите (Geena Davis Institute on Gender in Media), организација насочена кон истражување на застапеноста и начинот на прикажување на жените и девојчињата во медиумите.

Така, паралелно со актерската кариера, таа изградила и сосема поинакво наследство – како активистка која повеќе од две децении се обидува да го промени начинот на кој филмската и телевизиската индустрија ги прикажуваат жените.


Дејвис на овогодишната Мостра се појавила на премиерата на „The Basics of Philosophy“, новиот филм на легендарниот сценарист и режисер Пол Шредер, автор на сценариото за „Taxi Driver“ и режисер на пофалениот „First Reformed“.

Филмот на 4 септември беше прикажан надвор од конкуренција во Сала Гранде, а во официјалната програма на фестивалот е наведено дека трае 94 минути.

Во центарот на приказната е Џон Јорисен, професор по филозофија на мал американски колеџ, кој пишува книга за Спиноза. Неговиот навидум среден живот почнува да се распаѓа кога, по смртта на неговиот татко, повторно се појавува личност поврзана со сериозен настан од неговото минато. Филмот се занимава со вината, совеста, одговорноста и прашањето дали човек навистина може да се промени.


Премиерата завршила со повеќеминутни овации, а 80-годишниот Шредер видно емотивно реагирал на приемот од публиката. Иако Џина не е дел од актерската екипа на филмот, нејзиното појавување на премиерата беше доволно за на неколку моменти вниманието од големото платно повторно да се насочи кон една од жените кои одбележаа неколку значајни поглавја од историјата на Холивуд.


Додека нејзиното елегантно црно издание уште еднаш потврди дека вистинскиот гламур на црвениот килим не мора да се докажува со следење на трендовите – понекогаш се доволни добар црн фустан, малку сјај и став на филмска ѕвезда.