„Ако победи крајната десница, таа ќе биде главната причина за катастрофата: Како Меркел и Мерц ја изгубија Источна Германија од АфД?

Точка

04/09/2026

21:07

397

Големина на фонт

а а а

Улрих Зигмунд, водечкиот кандидат на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), се качил на бината на централниот градски плоштад во Наумбург и прогласил дека во Источна Германија настапило ново „будење“.

Во пресрет на клучните избори во оваа покраина во недела – на кои Зигмунд е на чекор од тоа да стане првиот лидер на крајната десница што ќе управува со една германска покраина од 1945 година – повикувањето на источногерманскиот идентитет наиде на силен одѕив.

„Момчето покрај мене извикуваше: „Остдојчланд!“ („Источна Германија!“), иако беше премногу млад за да живеел во комунистичката Германска Демократска Република“ пишува новинарката на „Политико“, Ен Мекелвој.

„Таму беше почисто. Повеќе германско. Не оваа Америка-Германија како на Запад“ пренесува новинарката што ѝ рекол младиот човек.


Како што наведува новинарката, одредени елементи од новото „будење“ на Зигмунд „звучеле како одек од стариот Исток, а неговиот говор сигурно би бил добро прифатен во Кремљ“.

„Тој ја осуди глупоста на поддршката за „корумпираната“ Украина и зборуваше за потребата Германија повторно да се снабдува со нафта и гас од Русија“ додава новинарката.

Источна Германија формално беше распуштена во 1990 година, но не исчезна. Нејзините борби за идентитет во рамките на огромниот германски федерален систем, со моќ концентрирана во Берлин, го поттикнаа подемот на крајната десница.

„Ако АфД овој викенд навистина извојува убедлива победа, тоа ќе отвори сериозни прашања за тоа како канцеларите како Хелмут Кол, Ангела Меркел и Фридрих Мерц не успеаја да управуваат со транзицијата по обединувањето и да спречат големи делови од истокот политички да се насочат кон крајната десница“ заклучува новинарката на „Политико“.


Како што наведува Мекелвој, меѓу претежно веселите луѓе што чекале во редица за колбаси и пиво во Наумбург, имало и помалку расположени лица во маици и со обележја на неонацистите.

„Еден од присутните ми рече дека владата во Берлин ’ги испраќа нашите пари од даноците на Евреите во Израел и на украинскиот претседател Володимир Зеленски‘, наместо да ги троши овде“ наведува новинарката.

Таа истакнува дека е важно да се нагласи оти источногерманскиот политички идентитет не претставува само еднострана носталгија по ГДР.

„АфД, имено, го присвојува слоганот од демонстрациите против комунизмот во 1989 година – „Wir sind das Volk“ („Ние сме народот“) – и го користи за сопствени цели. Тоа ги оживува сеќавањата на маршевите за слобода во последните денови на социјалистичката држава“ додава новинарката.

„Сега повторно ќе му покажеме на светот“ ѝ рекол Дирк Хузенлауб, металски работник во син работнички комбинезон, со кого разговарала за време на уште еден предизборен собир во блискиот град Лицен.

Како самовработен работник, тој добро работел и снабдувал многу локални компании. Но, додал дека „луѓето на врвот не сакаат нам да нѝ биде добро – намерно нè држат долу“.


Следувала лавина од интернет-теории на заговор, вклучително и тврдењето дека Мерц и неговата претходничка Меркел „нè предадоа и дека ризикуваме земјата да ни се распадне како што се распадна некогашна Источна Германија“.

„Зад пријатната атмосфера во редицата за колбаси, расположението може многу брзо да се влоши – што го открив кога се обидов да разговарам со Зигмунд во Лицен, но ми беше кажано дека „мејнстрим“ медиумите не се добредојдени. Грубо ме турна крупен маж кој стоеше покрај Зигмунд, ми ја свитка раката, имаше слушалка во увото и врат прекриен со бројни тетоважи“ истакна новинарката.


Таа вели дека тој грубо ѝ одговорил: „Тргни се или ќе те одведам кај полицијата“.

„Кратко и безуспешно расправавме за уставно загарантираното право слободно да се известува на јавни места. Следуваше уште едно силно извртување на раката и туркање, кое заврши така што се сопнав од работ на тротоарот и бев одвлечена до полициски автомобил. Се чинеше дека тоа никому особено не му пречеше“ наведува Ен Мекелвој и додава дека го слушнала чуварот како низ заби вели: „Оваа жена не соработува“.


Како што истакна, на следниот собир во Наумбург, друг полицаец кој внимателно ја следел ситуацијата ѝ наредил да се држи подалеку од „Безбедносната зона 1“, односно од просторот во близина на бината, а потоа следувало уште позастрашувачко предупредување.

„Тоа е заради вашата безбедност. Најдобро запомнете, во таа зона АфД е газда“ додал тој.

Последните двајца канцелари – Фридрих Мерц и Ангела Меркел – предизвикаа силни реакции во Источна Германија.

За Меркел исходот можеше да биде попозитивен. И самата таа потекнуваше од Истокот и активно учествуваше во „Wende“, односно „пресвртот“ од комунизмот. Таа го наследи ветувањето на Кол дека ќе создаде „расцутени предели“ во „новите сојузни покраини“.


Запуштените градови и населени места беа обновени, загадувањето на воздухот предизвикано од користењето лигнит за производство на енергија исчезна, а патиштата кои некогаш беа полни со дупки денес се доволно мазни за по нив да се возат „Мерцедеси“ и „БМВ-а“.

Но, Истокот многу понегативно реагираше на одлуката на Меркел во 2015 и 2016 година да дозволи масовен прилив на баратели на азил од Сирија и Северна Африка. Таа покажа дека ја разбира таа загриженост во разговор со новинарката на „Политико“ во 2018 година, велејќи дека ја разбира болката на жителите на Источна Германија кои гледаат како нивните заедници демографски се празнат и како исчезнуваат традиционалните работни места.

„Секако, тие вознемирувачки лични искуства влијаат врз луѓето и оставаат длабока трага – мора да го разбереме тоа“ рекла Меркел.


Но, одговорите на Меркел не беа доволни за луѓето загрижени поради брзината на општествените промени, а од 2015 година АфД почна вртоглаво да расте.

Ерата на ковидот, исто така, ги продлабочи поделбите: кампања на социјалните мрежи бараше воведување на руската вакцина „Спутник V“ пред да бидат достапни подобри опции. Тоа покажа сложена мешавина од ставови кои и денес се силно присутни во наративот на АфД: недоверба кон западниот капитализам и прифаќање на Русија.

„Искусниот социолог Детлеф Полак дијагностицира „митологија на жртвата“, против која западните политичари тешко можат да се борат без притоа да звучат надмено. Дури три четвртини од гласачите кои се наклонети кон АфД сметаат дека обединета Германија им го одзела она што им припаѓа, во споредба со две петтини од населението на поранешната ГДР“ истакнува новинарката на „Политико“ и додава дека фрустрацијата почнала да ги обележува односите на Меркел и нејзиниот наследник Мерц кога зборувале за расположението на некогашниот Исток.


„Нема смисла да се обидувам да ве убедам во оправданоста на прифаќањето повеќе од еден милион бегалци“ рекла таа на собир на кој Мекелвој присуствувала за време на нејзината последна предизборна кампања во 2017 година во индустрискиот град Битерфелд, додека непријателски настроената толпа свиркала и трубела за да го надгласи нејзиниот говор. Зад бината таа одмавнала со главата, очигледно бесна.

„Колку повеќе беше славена како „Глоријана“ на меѓународната либерална демократија поради нејзиниот одлучен однос кон американскиот претседател Доналд Трамп, толку повеќе се оддалечуваше од социјално конзервативните жители на Источна Германија. АфД, исто така, учеше од движењето МАГА како да ги обедини различните струи на размислување во предизборни пораки, проткаени со лажни или преувеличени приказни“ истакнува новинарката.


Како што додава таа, доаѓањето на Мерц, политичар од Западна Германија кој не се одликува со особено развиени комуникациски вештини, заедно со проблемите во пошироката германска економија – како симболичниот удар во форма на најавените масовни отпуштања во фабриката на „Фолксваген“ во Волфсбург, во близина на некогашната граница – дополнително ја намали привлечноста на моделот на просперитет на Сојузна Република Германија.

Анализата на Институтот за економски истражувања во Хале наведува дека по 1990-тите „почетниот замав во фаќањето чекор запрел. Оттогаш, економијата на Источна Германија главно растела уште побавно од онаа на Западна Германија“.

Институтот за тоа ги обвини „недостигот на продуктивност на источногерманските компании“, како и долготрајниот одлив на мозоци и ниската стапка на основање нови компании.


Германски функционер задолжен за одбраната, кому му било дозволено доверливо да зборува за „Политико“, додал: „Огромното мнозинство од новите одбранбени индустрии што ќе го поттикнуваат просперитетот и безбедноста се наоѓаат на територијата на поранешна Западна Германија. Поради тоа, на Истокот има помал интерес за вооружување против Русија – тоа е двоен удар со кој мора да се справиме“.

Меркел повика на поголема „храброст“ за да се „бориме за демократијата“, повикувајќи се на сопствениот вид носталгија за 1989 година. Овие пораки ги охрабруваат противниците на АфД, вклучително и верниците кои сега се собираат, исто како што правеле тоа против режимот во 1989 година.

Проблемот, меѓутоа, е што нејзините апели можат да звучат и како „Bevormundung“, односно покровителски однос, при што жителите на Источна Германија чувствуваат дека кон нив се постапува со ароганција и надменост.

Мерц предупредува дека влада на крајната десница во Саксонија-Анхалт би значела дека „странските инвеститори во иднина ќе ја избегнуваат оваа покраина“ и дека покраината „ќе се соочи со сериозни проблеми“. Останува да се види дали оваа тактика на заплашување ќе се покаже како убедлива.


Како што наведува Мекелвој, Зигмунд, од своја страна, се ослободил од мрачните пароли на другите водечки претставници на АфД.

„Боже мој, жените во овој град навистина се згодни“ го слушам како ѝ вели на група девојки кои се смеат додека бараат да се фотографираат со него во Лицен.

„Подобро да не ѝ кажам на сопругата“ прераскажува Мекелвој.

Новинарката Ен Мекелвој смета дека Мерц, исто така, не покажува голем личен интерес за Истокот, освен што го гледа како проблем што треба да се држи под контрола.

„Многу малку членови на неговата влада потекнуваат од тој дел на Германија – иако партијата го истакнува напредувањето на новата генерација источни Германци кон повисоки министерски функции. Тоа наскоро можеби ќе мора да се забрза за да се спротивстави на растечкото чувство на отуѓеност. За време на кратката посета во понеделникот, кога дојде да му даде поддршка на Свен Шулце, кандидатот на неговата партија за премиер на покраината, канцеларот ги осуди „луѓето кои тргуваат со гнев“. Сепак, тој излезе меѓу гласачите – нешто што многу водечки политичари го избегнуваат“ наведува новинарката.


„Саксонија-Анхалт е мала покраина според бројот на жители – има нешто повеќе од два милиони жители. Но, таа е и лулка на лутеранската традиција на спротивставување на моќниците – тема што во разговорот со мене ја отворија собраните гласачи кои беа позаинтересирани за историјата“ наведува Мекелвој.

Текстот завршува со цитат од лидерот на АфД.

„Како што вели Зигмунд: „Дури иако не стигнеме дотаму (до апсолутно мнозинство), нема да исчезнеме“. Тоа беше и тврдоглавиот повик од улиците кон крајот на 1989 година, а во 2026 година предизвика громогласни извици на одобрување на плоштадот во Наумбург, надгласувајќи ги контрапротестите“ истакнува Мекелвој.

Како што вели таа, во недела АфД ќе биде ставена на тест.

„Исто така, на тест ќе биде ставен и германскиот политички естаблишмент, кој победи во процесот на обединување на земјата, за потоа да изгуби голем дел од контролата врз моќта на народот“ заклучува новинарката на „Политико“.