Рекламите во апликациите и игрите понекогаш можат да бидат толку напорни што телефонот повеќе наликува на рекламно пано отколку на уред што го користите.
„Android“ има едноставна поставка што може да блокира голем дел од тие реклами, без инсталирање посебна апликација и без „root“ пристап на телефонот.
Функцијата се нарекува „Private DNS“, односно Приватен „DNS“, а достапна е на уредите со „Android 9“ и поновите верзии.
Како да го вклучите блокирањето реклами
На телефонот треба да ја пронајдете опцијата Приватен „DNS“, а потоа, наместо автоматското поставување, да ја изберете опцијата за внесување име на провајдер.
Во полето внесете:
dns.adguard-dns.com
Кај повеќето телефони промената се применува веднаш и не е потребно рестартирање на уредот. Патеката се разликува во зависност од производителот, но опцијата главно се наоѓа во поставките за мрежа и интернет-конекција.

Кај телефоните „Samsung“ се наоѓа во Поставки > Врски > Дополнителни поставки за врски > Приватен „DNS“, додека кај уредите со чист „Android“ обично се наоѓа во мрежните поставки.
„Private DNS“ функционира така што ги препознава познатите домени што се користат за испорачување реклами и го спречува поврзувањето со нив. Поради тоа, дел од рекламите во апликациите, игрите и на веб-страниците едноставно нема да се вчитаат.
Ова е особено забележливо кај бесплатните мобилни игри што прикажуваат голем број банери и видеореклами.

Нема да ги блокира баш сите реклами
Важно е да не очекувате чудо. „Private DNS“ не е универзален блокатор на реклами, па одредени реклами и понатаму ќе се прикажуваат, особено ако се директно вградени во содржината на апликацијата или се испорачуваат на начин што „DNS“ филтрирањето не може да го препознае.
Постои и еден конкретен недостаток. Ако некоја игра ви дава награда за гледање реклама, блокирањето на рекламите може да го спречи нејзиното вчитување, па со тоа нема да ја добиете ниту наградата.

Во ретки случаи може да се појават проблеми и со одредени веб-страници или јавни „Wi-Fi“ мрежи што користат посебна страница за најавување. Ако нешто престане да функционира како што треба, доволно е поставката „Private DNS“ повторно да ја вратите на Автоматски.
За просечниот корисник на „Android“, ова веројатно е еден од наједноставните начини да го намали бројот на реклами без дополнителни апликации, „VPN“ или комплицирани поставки, пренесува „Telegraf.rs“.












