Алармантно предупредување: „Ел Нињо добива огромни размери пред нашите очи!“

Точка

03/09/2026

19:14

631

Големина на фонт

а а а

Светот треба да се подготви за екстремни горештини, суши и поплави во наредните месеци поради исклучително силниот Ел Нињо, предупреди во четвртокот Светската метеоролошка организација („WMO“).

Температурите на океанот во тропските региони на Тихиот Океан, кои влијаат врз временските услови ширум светот, веќе се исклучително високи, соопшти агенцијата на „ОН“ со седиште во Женева.

„Ел Нињо добива огромни размери пред нашите очи“, соопшти генералниот секретар на „ОН“, Антонио Гутереш.

„Науката го отфрла секој сомнеж: планетата се наоѓа во непознати води, а тие води се загреваат.“


Самата „WMO“ не го користи терминот „супер Ел Нињо“, како што тоа го прават одредени климатски експерти, пишува „dpa“.

Агенцијата на „ОН“ своите прогнози за Ел Нињо ги темели на пресметките на неколку метеоролошки служби ширум светот. Овој метеоролошки феномен природно се појавува на секои две до седум години и не е предизвикан од климатските промени, иако тие можат дополнително да ги засилат неговите последици.

„Сега се води трка меѓу растечките ризици и нашата посветеност на преземање климатски мерки и заштита на луѓето. Мораме да победиме во таа трка“, рече Гутереш.

Ел Нињо започнува со загревање на површинските температури на морето во централниот и источниот дел на екваторијалниот Пацифик. Според податоците на „WMO“,температурите таму веќе се меѓу 2,2 и 2,6 Целзиусови степени над просекот.


Температурите на водата под површината во јули и на почетокот на август на одредени места биле и повеќе од осум степени над просекот, пишува „dpa“.

Топлиот и влажен воздух потоа се издигнува во тој регион и ги менува глобалните обрасци на ветровите и атмосферската циркулација. Тоа често носи сушни услови и суши во Австралија, Индонезија и јужниот дел на Африка, додека западниот брег на Јужна Америка, источна Африка и југот на Соединетите Американски Држави често бележат обилни врнежи.

Европа, генерално, е помалку погодена од овој феномен.