[ВИДЕО] Неверојатна снимка од поплавената црква „Свети Јован Крстител“: Судбоносното „да“ го изговориле во вода до струкот

Точка

02/09/2026

16:54

290

Големина на фонт

а а а

Водата го поплавила храмот и достигнувала речиси до струкот, но овој пар немал намера да го одложи својот голем ден.

Лијан Лијеза Галанг и нејзиниот избраник Џилберт Чико се венчале во црквата „Свети Јован Крстител“ во Хагоној, на Филипините, а снимката од церемонијата го обиколи светот.

Клупите останале празни

Лијан носела бела венчаница и храбро чекорела низ матната вода, приближувајќи се кон олтарот. Во рацете држела букет од бели цвеќиња, а таму ја чекал Џилберт.

Клупите останале празни, но биле украсени со пластични цвеќиња за барем донекаде да се задржи вообичаениот изглед на свечената церемонија, пишува „Дејли мејл“.


Фотографот Мико Реј Алфонсо изјавил дека од парохијата претходно го советувале парот да ја одложи венчавката поради поплавата.

Црквата речиси еден месец била делумно под вода по неколкунеделните обилни дождови. И покрај тоа, младенците не сакале да се откажат.

„Бидејќи одлучија да истраат, ние, службениците во парохијата, направивме сè што можевме за овој ден да им биде посебен“, додал Алфонсо.

До црквата пристигнала со рикша

Невестата пристигнала до црквата со рикша и на тој начин успеала да ја задржи венчаницата чиста, сè додека не зачекорила во поплавената црква.

На снимките се гледа како нејзините родители ја прегрнуваат, откако и самите поминале низ водата и застанале покрај својата ќерка.


Една од повпечатливите сцени прикажува младо момче кое ги носи бурмите на идните сопружници. Во тој момент водата му достигнува до струкот.

И покрај сè, церемонијата била одржана во присуство на петнаесетина луѓе.

„Тие се сакаат. Ништо не можеше да ја спречи нивната венчавка“, заклучил парохискиот фотограф.