Европска земја се подготвува за најлошото сценарио: Воената вежба вклучувала и масовни воени погреби

Точка

01/09/2026

18:54

170

Големина на фонт

а а а

Шведските вооружени сили спровеле необична, но сериозна вежба во која го увежбувале постапувањето со голем број загинати војници – од пронаоѓање и идентификација на телата, до известување на семејствата, сојузниците и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, како и нивниот конечен погреб со воени почести.

Вежбата била одржана во рамките на „Аурора 26“, најголемата национална воена вежба во Шведска од 1990-тите години наваму. Во неа учествувале околу 18.000 војници од 13 држави, а делот посветен на постапувањето со загинатите вклучувал повеќе од 500 кукли кои претставувале загинати војници, пишува „Јуроњуз“.

Во целиот процес учествувале повеќе од 300 припадници на вооружените сили, заедно со претставници на Шведската црква, даночната управа и институцијата задолжена за регрутација.


Еден од командантите им изјавил на истражувачите дека е горд што учествувал во вежбата, бидејќи, според неговите зборови, вакво сценарио последен пат било вежбано во Шведска уште во 1952 година.

Воениот капелан го опишал силното психолошко влијание на глетката. Откако видел десетици вреќи за тела наредени една до друга, воените жртви повеќе не изгледале како апстрактна можност.

Подготовка за најлошото сценарио

Шведска веќе со децении има планови за случај на голем број загинати. Шведската црква, која има официјална улога во организирањето на погребите, планира капацитети за дури пет проценти од населението, односно приближно 500.000 луѓе.


Тоа не е проценка на очекуваниот број жртви, ниту е директно поврзано со вежбата „Аурора 26“, туку станува збор за наследство од системот за цивилна одбрана од времето на Студената војна, кој ги опфаќа можните воени и цивилни жртви.

Шведските власти притоа нагласуваат дека ваквото планирање не значи дека очекуваат толкав број загинати, туку дека за кризни ситуации едноставно мора однапред да се направи проценка на потребните капацитети.

Голем пресврт за Шведска

Вежбата е дел од пошироката промена на шведската безбедносна политика. Земјата со децении негуваше воена неутралност, а последен пат своите вооружени сили ги употребила во воен конфликт уште во 1814 година.

По руската инвазија врз Украина и влезот во НАТО во 2024 година, Шведска сè поинтензивно ги подготвува населението, институциите и војската за можни кризни и воени сценарија.


За време на „Аурора 26“, војниците на НАТО вежбале и одбрана од дронови со помош на украински експерти, додека силите на САД, Франција, Холандија, Полска и други сојузници дејствувале на југот од Шведска, на Готланд и во Балтичкото Море.

Слични подготовки во последните години спроведуваат и други земји од северна и источна Европа. На тој начин, Шведска покажува колку многу се променила безбедносната состојба во Европа – од земја која со децении не очекуваше војна до членка на НАТО која активно ги увежбува и најтешките можни сценарија.