„Црно злато“ - нова претстава на МНТ со потписот на Слободан Унковски и Дејан Дуковски

Макфакс

01/09/2026

13:10

81

Големина на фонт

а а а

Новата претстава „Црно злато“ во Македонскиот народен театар ја потпишуваат драматургот Дејан Дуковски и режисерот Слободан Унковски. Приказната ги истражува семејните конфликти, траумите и обидите за пронаоѓање на идентитетот низ силни ликови и провокативна драматургија.

На 1 септември во Македонскиот народен театар започнаа пробите за новата претстава „Црно злато“, по текст на култниот македонски драматург Дејан Дуковски, а во режија на еден од најзначајните македонски режисери, Слободан Унковски.

По долгогодишна и исклучително значајна творечка кариера, Унковски повторно се враќа на големата сцена на МНТ. Неговата последна режија на оваа сцена беше претставата „Сите сме птици“, со која оствари уште еден голем успех.

„Црно злато“ носи авторски потпис на Дејан Дуковски, драматург чие творештво со својата специфична естетика, црн хумор, остар јазик и препознатлив авторски сензибилитет остава голем печат во македонскиот и европскиот театар.

Во центарот на приказната е едно семејство, неговите премолчени конфликти, трауми, љубови, загуби и обиди за повторно пронаоѓање на сопствениот идентитет.

Ликовите се соочуваат со семејната транзиција, минатото кое не исчезнува и сегашноста која постојано ги враќа едни кон други.

Во улогите настапуваат:
Димитрие, таткото, „заебан и забеган“ – Јовица Михајловски
Мара, загрижена и „отидена“ – Мими Таневска
Анѓела, изгубениот син Анѓеле, кој се враќа дома како исполнета жена на средни години – Камка Тоциновски
Кате, ќерката и помалата сестра на Анѓеле, заглавена во фамилијарната транзиција – Нела Павловска
Семир, трговец поединец, речиси адвокат, „насукан“ на Кате – Григор Јовановски
Киро, бивша љубов на Анѓеле – Сашко Коцев
Извршителот, тоа. Претходно Сале пицајзла – Софиа Насевска -Трифуновска
Барабата, бараба – Гораст Цветковски

Креативниот тим го сочинуваат сценографот Бранко Хојник, костимографот Александар Ношпал, композиторот Златко Ориѓански, асистент на режисерот Звездана Ангеловска и асистентот на сценографот Мартин Манев. Во претставата учествуваат музичари и хор.

Со „Црно злато“, МНТ повторно ги обединува имињата на Дејан Дуковски и Слободан Унковски: тандем кој во македонскиот театар носи препознатлив сценски јазик, силни ликови, провокативни теми и исклучителна драматуршка и режисерска енергија.

Премиерата на „Црно злато“ се очекува во текот на декември 2026 година.

Нова приказна. Култен драматург. Голем режисер. Голема сцена.
„Црно злато“ – наскоро на сцената на МНТ.