Телевизиското интервју на кантри пејачката и текстописец Доли Партон со новинарката Барбара Волтерс во 1977 година остана запаметено во историјата на американската медиумска култура како пресвртна точка во нејзината кариера.
Во период кога традиционалната кантри сцена го сметаше нејзиниот визуелен идентитет за претеран, а медиумите ги преиспитуваа нејзините достигнувања, Партон во тој разговор ја изложила целосната естетска и деловна филозофија врз која во следните децении го изгради статусот на глобална икона на поп-културата, пишува „Women’s World“.
Разговорот се одвивал во периодот кога таа преминувала од локалниот кантри пазар кон масовната публика, а интервјуто покажало дека пејачката има целосна контрола врз сопствениот јавен имиџ. Иако нејзините соработници пред снимањето ја советувале да го одбие гостувањето поради директниот и потенцијално потценувачкиот стил на Барбара Волтерс, Партон ја искористила средбата за да покаже дека не е наивна како што се мислело.
Централниот дел од интервјуто бил посветен на нејзиниот стил, кој Волтерс го оценила како екстремен, прашувајќи ја зошто една убава жена има потреба да носи впечатливи руси перики и впечатлива облека. Партон на провокацијата одговорила со јасно разграничување меѓу изгледот и личната автентичност.
„Тоа дефинитивно е мој избор. Не сакам да бидам како сите други. Често сум велела дека никогаш не би се спуштила толку ниско за да бидам во тренд. Тоа е најлесната работа на светот. Одлучив да направам нешто што барем ќе го привлече вниманието. Откако луѓето ќе го надминат шокот од мојот смешен изглед, ќе видат дека во мене постои нешто што треба да се цени“, изјавила Партон.

На новинарското прашање дали ѝ пречи што публиката ѝ се потсмева, Партон дала одговор кој, гледано од денешна перспектива, се смета за еден од најпознатите цитати во историјата на новинарските интервјуа со музичките ѕвезди.
„Со години мислеа дека ми се смеат мене, а всушност публиката беше таа што не ја сфаќаше шегата. Знам точно што правам и можам да го променам кога и да посакам. Шоубизнисот е шега за заработување пари, а јас едноставно сакам да се шегувам“, додала Партон.

Од историска дистанца, разговорот од 1977 година бил директна најава за нејзиниот комерцијален подем. Во тој период Партон презела радикални деловни чекори: ја прекинала долгогодишната соработка со кантри ѕвездата Портер Вагонер, го распуштила семејниот бенд и ангажирала холивудски менаџмент.
Отфрлајќи ги обвинувањата на традиционалистите дека се „холивудизирала“ и ги предала своите корени, Партон во разговорот отворено зборувала за финансиите и амбициите. Таа нагласила дека не прави класичен премин кон поп-музиката, туку ја отвора својата авторска музика кон поширок круг слушатели.

„Како деловна жена, сакам да мислам дека може да се заработи повеќе пари од она што сум го заработувала досега. Работев премногу напорно и предолго за премалку пари. Сакам да бидам универзална ѕвезда, суперѕвезда. За да бидеш суперѕвезда, не можеш да бидеш тоа само во една област. Тоа значи дека мораш да им се допаѓаш на повеќето луѓе“, истакнала Партон.

Во завршниот дел од разговорот, Партон изнела и исклучително отворен став за својот брак со Карл Дин, со кого останала повеќе од пет децении, сè до неговата смрт. На прашањата за долготрајната разделеност, отсуството на сопругот од јавноста и потенцијалните искушенија за време на турнеите, таа нагласила дека нивниот брак се темели на меѓусебна слобода, доверба и отсуство на посесивност, со што дополнително ги потврдила своите начела за лична независност, пренесе „Women’s World“.










