„Volkswagen ID. Era 5 S“, наменет за кинескиот пазар, таму чини помалку од 11.500 евра, што го прави поевтин дури и од „Dacia Sandero“, чија цена во Германија изнесува околу 13.500 евра. „Volkswagen“ нема трајно да ја нуди лимузината по оваа исклучително конкурентна цена. Станува збор за специјална воведна понуда, но дури и редовната цена ќе започнува само малку над нивото на „Sandero“ – почетната цена ќе изнесува 14.700 евра.
Автомобилот е долг 484 сантиметри, па според димензиите може да се смести во средната класа, во која припаѓа и „VW Passat“, кој е долг 492 сантиметри.

Визуелно, автомобилот создаден преку заедничкото вложување со кинескиот производител „SAIC“ изгледа како типична лимузина на „Volkswagen“. Во внатрешноста, дизајнот на „Volkswagen ID. Era 5 S“ е приспособен на кинескиот пазар. Повеќето функции се контролираат преку екрани – 15,6-инчен екран за инфозабавниот систем и 8,8-инчен екран за инструмент-таблата.

Погонскиот систем е „plug-in“ хибрид и се состои од 1,5-литарски атмосферски мотор со 109 КС и електромотор со 237 КС. Наведениот електричен досег на „ID. Era 5 S“, со батерија со капацитет од 19,1 kWh, изнесува 160 километри. Сепак, треба да се има предвид дека оваа бројка е утврдена според кинескиот „CLTC“ циклус, кој е значително поблаг од европскиот „WLTP“ стандард, пишува „Auto Bild“.

Според извештај на весникот „Handelsblatt“, „Volkswagen“ во моментов испитува дали неговите модели произведени за кинескиот пазар би можеле да се продаваат и во Германија. „Volkswagen ID. Era 5 S“ сигурно ќе биде една од опциите што ќе се разгледуваат. Сепак, сликовито кажано, кога станува збор за екстремно ниската цена, тој филм во Европа нема да го гледаме. Тоа веќе може да се забележи кај низа кинески автомобили што се продаваат во Европа. Нивната цена значително се зголемува во споредба со онаа по која се продаваат на кинескиот пазар.











