Етел Катерхем, најстарата жива личност во светот, денеска го прослави својот 117. роденден во кругот на семејството и пријателите во домот за стари лица „Hallmark Lakeview“ во Лајтвотер, Сари.
Катерхем изминатата година ја опиша како период во кој доживеала „многу нови искуства за првпат“. Меѓу нив особено ја издвои средбата со британскиот крал Чарлс Трети, кого дури и го држела за рака.
„Ви благодарам за сите прекрасни роденденски честитки. Дури и на 117 години, оваа година имав многу нови искуства, од галење лама до држење на кралот за рака“, изјави Катерхем.
„Поминав прекрасен ден славејќи со семејството и пријателите и со нетрпение очекувам да видам што ќе донесе следната година“, додаде таа.
Етел Катерхем е родена на 21 август 1909 година во Шиптон Белинџер, во Хемпшир, Англија. Родена е пет години пред почетокот на Првата светска војна и денес е последната позната жива личност родена за време на владеењето на кралот Едвард Седми.
Катерхем стана најстарата жива личност во светот на 30 април 2025 година, по смртта на бразилската калуѓерка Ина Канабаро Лукас на 116-годишна возраст. Нејзиниот статус е потврден од „Guinness World Records“ и од организации кои се занимаваат со верификација на долговечноста.
Средбата со кралот Чарлс
Еден од најинтересните моменти во нејзината 117-та година од животот била средбата со кралот Чарлс Трети во септември 2025 година. Кралот ја посетил во домот за стари лица, а за време на средбата ја држел за рака. Катерхем тогаш се присетила на времето кога Чарлс во 1969 година станал принц од Велс.
Со насмевка му рекла: „Сите девојки тогаш беа вљубени во вас и сакаа да се омажат за вас.“
Чарлс е шестиот британски монарх чие владеење Катерхем го доживеала.
Warmest birthday wishes to Ethel Caterham, who reaches the extraordinary age of 117 today and thereby holds the titles of both the oldest verified living person on Earth and the longest-lived Briton in recorded history.
— Thatchers Cider Drinker (@MrHenryFH) August 21, 2026
Ethel entered the world on 21 August 1909 in the Hampshire… pic.twitter.com/jQD9AkHfMP
Живот подолг од еден век
На 18-годишна возраст, во 1927 година, Катерхем отпатувала во тогашна Британска Индија, каде што работела како дадилка во едно воено семејство. Во Индија поминала три години пред да се врати во Велика Британија.
Во 1931 година го запознала својот иден сопруг Норман Катерхем, припадник на британската армија. Се венчале во 1933 година, а поради неговата воена служба живееле и во Гибралтар и во Хонг Конг. Додека престојувала во Хонг Конг, Катерхем основала детска градинка за локалните и британските деца.
117 years young! What an incredible life and legacy. Happy birthday to Ethel Caterham! 🎉🎂🤍 pic.twitter.com/nCDnTry75s
— Elena Lexina (@ElenaLexina) August 21, 2026
Во текот на својот долг живот таа преживеала две светски војни, доживеала владеење на шест британски монарси и била сведок на некои од најголемите настани во 20 и 21 век.
Автомобил возела сè до својата 97-ма година, а на 110-годишна возраст го прележала „COVID-19“.
Иако Етел Катерхем денес е најстарата жива личност во светот, рекордот за најдолг потврден човечки живот и понатаму го држи Французинката Жан Калман, која живеела 122 години и 164 дена.














