[ФОТО] Македонка во Австралија осудена на осум години затвор: Ја задушила 85-годишната сосетка и го фрлила телото во река, ги трошела нејзините пари

Точка

21/08/2026

18:07

537

Големина на фонт

а а а

Македонката Милена Богојевска (51) е осудена на осум години затвор во Австралија за смртта на нејзината 85-годишна сосетка Лолин Вајтхенд. Од изречената казна, шест години ќе ги помине без можност за условен отпуст.

Богојевска првично била обвинета за убиство, но подоцна се изјаснила за виновна за убиство од небрежност, што обвинителството го прифатило, пишува австралискиот „ABC News“.

Случајот се случил во јули 2024 година во Вест Футскреј, предградие на Мелбурн. Според судските наводи, Вајтхенд влегла во домот на Богојевска, каде што била нападната и задушена со кујнска крпа. Во соседната соба во тој момент бил 15-годишниот син на Богојевска, кој носел слушалки и не знаел што се случува.


Обвинителството прифатило дека Богојевска немала намера да ја убие Вајтхенд. Нејзината одбрана смртта ја опишала како „несакана последица“ од спонтан напад.

Телото го ставила во автомобил и го фрлила во реката

По смртта на сосетката, Богојевска го ставила телото во автомобил и се упатила кон реката Марибирнонг. Таму го фрлила во водата.

Телото било пронајдено два дена подоцна од страна на рибар.

Истрагата потоа ја одвела полицијата до домот на Богојевска, каде што биле пронајдени предмети што ѝ припаѓале на Вајтхенд.


По смртта на сосетката трошела од нејзините пари

Случајот добил дополнителна тежина откако било откриено дека Богојевска по смртта на сосетката од нејзиниот дом однела пари, накит, банкарски картички и лични документи.

Со украдените средства купувала различни производи, меѓу кои лотариски тикети, ваучери, чевли, таблети, микробранова печка и „iPad“ уреди. Вкупно потрошила речиси 4.000 австралиски долари.

Во еден момент, пред полицијата, Богојевска тврдела дека е „повеќе од 100 проценти“ сигурна дека не е одговорна за смртта на Вајтхенд.


Судијката ја опишала како пресметлива и себична

Судијката на Врховниот суд на Викторија, Џасинта Форбс, остро го оценила однесувањето на Богојевска и рекла дека не покажала каење.

„Вашите дела се необјасниви. Губењето на нејзиниот живот и тагата предизвикана од вашето дело се неизмерни“, рекла судијката.

Судијката нејзиното однесување го опишала како „опортунистичко, пресметано и себично“.

Богојевска веќе поминала 755 дена во притвор. Според изречената казна, најрано би можела да побара условно ослободување во јули 2030 година.