Ендемски вид на забава: Охрид го слави своето најголемо богатство

Точка

17/08/2026

15:01

135

Големина на фонт

а а а

Кога сонцето ќе почне да се спушта зад охридските ридови, а езерската површина ќе се претвори во огледало обоено во златни нијанси, станува јасно зошто Охрид секое лето привлекува стотици илјади посетители. Но, зад познатите разгледници и спектакуларните зајдисонца се крие уште едно богатство – свет што постои само тука.

Охридското Езеро е дом на повеќе од 200 ендемски видови флора и фауна, организми кои не можат да се сретнат никаде на друго место во светот. Од езерските трски што го чуваат брегот, до легендарната охридска пастрмка секој вид е дел од уникатниот екосистем кој се развивал милиони години.

Токму ова природно богатство послужи како инспирација за четвртото издание на Ohrid Water Festival, кое од 12 до 30 август го претвора Охрид во центар на спортот, културата и забавата. Фестивалот и годинава се одржува со поддршка на Македонски Телеком, негов генерален спонзор, а програмата можете да ја погледнете ТУКА

Свет што постои само во Охрид

Охридското Езеро е едно од најстарите езера на планетата, старо околу два милиони години, а од 1979 година е дел од светското природно наследство на УНЕСКО. Во него живеат 23 видови риби, од кои пет се ендемични, податок што го вбројува меѓу најзначајните европски езера кога станува збор за биолошката разновидност.


Најпознатиот жител на езерото без сомнение е охридската пастрмка (Salmo letnica). Со своите препознатливи црвени дамки и еволутивна историја стара речиси колку и самото езеро, таа претставува вистински симбол на Охрид. Денес се разликува во неколку подвидови, меѓу кои Летница, Струшка пастрмка и Охридска белвица.

Нејзиниот опстанок, пак, е тесно поврзан со уште еден жител на езерото – плашицата, која претставува нејзин главен извор на храна. Тоа е само еден пример за сложениот екосистем што се развивал милиони години, во кој секој вид има своја улога, а опстанокот на едниот зависи од другиот. Езерото, на некој начин, претставува еден свој свет кој живее паралелно со нашиот и е место каде животот непрекинато тече додека светот околу него постојано се менува. Токму затоа, тоа не е само природна атракција, туку жив свет што постојано потсетува колку е важно неговото зачувување.

„Ендемски вид на забава“

Токму од оваа приказна произлегува и темата на годинашниот Ohrid Water Festival – „Ендемски вид на забава“. Фестивалот ја поврзува единственоста на Охридското Езеро со енергијата на летните настани, создавајќи програма која е автентична исто како и природата што ја опкружува.

Во текот на август, посетителите ќе можат да уживаат во богата програма исполнета со водени атракции, спортски натпревари, пливачки предизвици, кајак и едриличарски регати, како и бројни активности на брегот на езерото.

Еден од најзначајните настани е Охридски пливачки маратон. Врвни професионални пливачи, но и аматери, ќе влезат во езерото на 30 август за да се обидат најбрзо да ја препливаат 25 километри долгата делница од Св. Наум до Градското пристаниште во Охрид. Најбрзото време постигнато досега го има италијанскиот пливач Алесио Окипинти, кој во 2023 година успеа да го преплива Охридскиот пливачки маратон со време од 4 часа, 53 минути и 14 секунди. Истата година беше поставен и рекордот во женска конкуренција, од страна на Французинката Каролин Жуис, која забележа време од 5 часа, 5 минути и 59 секунди. И оваа година пријавените пливачи ќе се обидат да го комплетираат овој маратон и да се запишат во историјата како победници за 2026 година. Натпреварувањето повеќе од три децении е симбол на градот и уште една потврда дека животот во Охрид отсекогаш бил нераскинливо поврзан со езерото.

Влог во природното и културното наследство

Уште од првото издание, Македонски Телеком е генерален спонзор на Ohrid Water Festival и партнер на фестивалот кој преку спортот, културата и забавата го промовира Охрид како една од највредните природни и туристички дестинации во земјата.

Со поддршката на фестивалот, компанијата вложува во иницијативи што го афирмираат спортот и македонското природно и културно наследство и создаваат нови причини домашната и странската публика да го доживее Охрид од поинаква перспектива.

Затоа, ако ова лето барате повеќе од обичен одмор, посетете го Охрид. Запознајте ги ендемските видови што го прават езерото единствено, уживајте во богатата фестивалска програма и бидете дел од еден навистина ендемски вид на забава.