Рибар преживеал 15 дена без храна во мрачна пештера: Дали некогаш сте слушнале за побизарна несреќа?

Точка

17/08/2026

17:19

854

Големина на фонт

а а а

Рибар од Мексико преживеал повеќе од две недели заробен во подземна пештера, откако за време на риболов исчезнал во една од природните јами.

Спасувачката акција траела со денови, а фактот што успеал да преживее јавноста го опишува како „чудо“.

„Бог имал други планови“

Ерасто Крисанто Валдес (31) исчезнал на 23 јули додека со својот татко ловел риба во сенота, природен отвор во местото Сан Франциско Ла Паз во Мексико.

Дури 15 дена подоцна, на 7 август, спасувачкиот тим успеал да го пронајде и да го извлече на површината, пренесува „Daily Mail“.

На шестиот ден од потрагата, надлежните го пронашле харпунот што Валдес го носел, на длабочина од 65 метри. Тоа била првата трага која укажала каде би можел да се наоѓа. Меѓутоа, тогаш никој не знаел дека рибарот сè уште е жив.

По две недели, спасувачите го пронашле Валдес во пештера која се наоѓала повеќе од 100 метри под површината. Таму постоел „воздушен џеб“, што му овозможило да остане жив. Во потрагата учествувале експерти од Мексико, Германија, САД и Доминиканската Република.

„Бевме подготвени да го пронајдеме неговото безживотно тело. Но, Бог имал други планови“, изјавил спасувачот Карлос Хименез.

Валдес бил изнесен на површината на носилки. По повеќе од две недели без храна, бил дехидриран и слаб. Со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во болница во неговиот роден град Уксапанапа.

„Не можев да го пронајдам излезот“

„Му благодарам на Бога што ми даде уште една шанса за живот и ми овозможи повторно да ги видам децата и семејството. Ова е чудо – неверојатно чудо“, изјавил подоцна за медиумите.

Валдес раскажал дека останал заробен под земјата откако се обидувал да улови риба од видот „Centropomus undecimalis“. Меѓутоа, повеќе не можел да се врати на површината.

„Не можев да го пронајдам излезот. Како времето да беше пресечено, како да запрело“, објаснил тој.

Неговиот татко се обидел да го пронајде, но без успех, по што побарал помош. Во потрагата на почетокот учествувале членови на семејството, локални жители и припадници на цивилната заштита, а подоцна се вклучиле и нуркачи од Мексиканската воена морнарица, како и меѓународни експерти.

Исчезнувањето на Валдес официјално било пријавено на 26 јули. Четири дена подоцна, властите соопштиле дека почетната фаза од потрагата е завршена, но дека пошироката потрага ќе продолжи.

Пештерата во која Валдес останал заробен претходно не била истражена. По две недели, спасувачите пронашле и резервна боца со воздух на длабочина од околу 100 метри. Тоа била уште една важна трага.

Пиел вода, се молел и спиел

Следниот ден наишле на голема „сува“ пештера. Го повикале рибарот по име – а тој им одговорил!

„Не можев да го видам, но му кажав дека се враќам по него“, раскажал еден од членовите на спасувачкиот тим.

Се верува дека Валдес преживеал и благодарение на реката која течела низ „сувата“ пештера, од која можел да пие вода.

Самиот Валдес деновите поминати во целосен мрак ги опишал многу едноставно – само пиел вода, се молел и спиел.

Целосно го изгубил чувството за време. До тој степен што, според неговите зборови, мислел дека во пештерата поминал само 72 часа. Наместо тоа, поминале цели 15 дена.