Целиот живот се плашела од една работа и токму од неа настрада: Најубавата југословенска актерка почина само еден месец по породувањето

Точка

15/08/2026

19:29

936

Големина на фонт

а а а

На денешен ден, 15 август 2000 година, во сообраќајна несреќа на Брач загина Ена Беговиќ. Имаше само 40 години и зад себе ја остави ќерката Лана и бројни незаборавни улоги.

На денешен ден, 15 август 2000 година, регионот го потресе веста дека во сообраќајна несреќа на Брач загина Ена Беговиќ, една од најхаризматичните актерки на југословенската и хрватската кинематографија. Имаше само 40 години, беше на врвот на кариерата и штотуку започна едно целосно ново животно поглавје – неколку недели претходно стана мајка на девојчето Лана.

Поминаа 26 години од нејзината смрт, но Ена не остана само спомен на едно минато филмско време. Останаа нејзините улоги, препознатливиот поглед и онаа посебна доза елеганција поради која публиката ја забележуваше веднаш штом ќе се појавеше во кадар.


Иако често ја опишуваа како една од најубавите жени на југословенскиот филм, таа во текот на животот се обидуваше да докаже дека зад изгледот постои многу повеќе. Сакаше сериозни улоги и театар, а токму на сцената на Хрватскиот народен театар во Загреб помина 16 години и оствари повеќе од 20 главни улоги.

Актерството не било прв избор

Ена Беговиќ е родена на 8 јули 1960 година, а дел од младоста го поминала во Трпањ на Пељешац. Како тинејџерка се преселила во Дубровник поради школувањето, додека првиот допир со филмот го имала уште како матурантка, кога Лордан Зафрановиќ ја ангажирал во филмот „Okupacija u 26 slika“.

Интересно е што на почетокот воопшто не планирала актерска кариера. По доаѓањето во Загреб се запишала на Правниот факултет, а дури подоцна, по убедувањето на луѓето кои го препознале нејзиниот талент, одлучила да ја испроба среќата на Академијата за драмски уметности.


Многу брзо се покажало дека ѝ припаѓа сцената.

Голема популарност ѝ донесе улогата во филмот на Зафрановиќ „Pad Italije“ од 1981 година. Следуваa бројни филмски, телевизиски и театарски улоги, а посебно место во нејзината кариера зазеде бароницата Кастели во „Glembajevi“.

Ја одби Златната арена

Колку сериозно си ја сфаќала работата најдобро покажува настанот од Филмскиот фестивал во Пула во 1988 година.

За улогата на бароницата Кастели ја доби Златната арена за најдобра споредна женска улога, но ја одбила наградата. Таа сметала дека ликот што го толкувала не бил спореден, туку еден од главните, па не сакала да го прифати признанието во категорија за која верувала дека не одговара на нејзината улога.


Девет години подоцна сепак ја прифати Златната арена, овојпат за филмот „Treća žena“. Во текот на кариерата играше и во остварувањата „Balkan ekspres“, „Čaruga“, „Četverored“ и бројни други проекти, додека во театарот ги толкувала големите хероини како Дездемона, Ана Каренина и Теута.

Иако, според биографските извори, добивала и понуди од странство, Ена остана поврзана со домашната актерска сцена.

Среќата која кратко траела

Годината 2000 требало да биде една од најубавите во нејзиниот живот.

Таа се омажи за Јосип Дикан Радељак и ја доби ќерката Лана, а во улогата на мајка успеала да ужива само околу месец и половина.

Семејството тоа лето престојувало на Брач. Кобниот 15 август, Ена со сопругот, неговиот син Лео, нејзината мајка Тереза и бебето Лана тргнала во посета кај пријател.

Во местото Сплитска, возилото на нагорнината неконтролирано тргнало наназад и завршило во провалија. Ена се здобила со тешки повреди од кои починала, додека нејзината мајка и ќерката биле повредени. Години по трагедијата се водела судска постапка, а во 2007 година Лео Радељак бил ослободен од вина; според пресудата што ја пренеле тогашните извори, несреќата била поврзана со неисправен менувач на возилото.


Стравувала токму од возење

Еден детаљ од животот на Ена подоцна ѝ дал уште попотресна димензија на трагедијата.

Нејзините пријатели и луѓето кои ја познавале говореле дека со години се плашела од возење автомобил. Тој страв бил уште поизразен по сообраќајната несреќа што ја доживеала во 1996 година, по која тешко психички закрепнувала.

Четири години подоцна животот ѝ завршил токму на патот.

Имаше 40 години, штотуку родена ќерка, брак што тукушто го започна и кариера која ниту оддалеку не го кажа последниот збор.