Ако сакате лесни и освежителни десерти, оваа лимон торта би можела да ве освои уште со првиот залак. Подготовката е едноставна, нема печење ниту комплицирани состојки, а готова е за 15 минути.
Рецептот го пронајдовме на Јутјуб каналот „Kuhaj i peci“, каде што секогаш можете да најдете интересни идеи за готвење.
Состојки за бисквитот:
• 300 грама мелени бисквити
• 100 милилитри топло млеко
• 100 грама путер
• четири лажици шеќер во прав
• 100 грама растопено чоколадо
Состојки за филот:
• 250 грама маскарпоне или крем-сирење по желба
• две лажици шеќер во прав
• едно пакетче ванилин шеќер
• еден поголем лимон (и сокот и кората)
• 100 милилитри слатка павлака
За глазурата:
• 100 грама шеќер во прав
• три лажици сок од лимон
• бадеми за украсување
Подготовка:
Измешајте ги мелените бисквити, растопениот путер, растопеното чоколадо, две лажици шеќер во прав и топлото млеко додека не добиете изедначена смеса. Смесата притиснете ја на дното на калап со пречник од 24 сантиметри и израмнете ја.
Во сад ставете ја слатката павлака, па додајте едно пакетче ванилин шеќер и малку шеќер во прав, рендана кора од лимон и сок од половина лимон. Сè добро изматете, додајте го маскарпонето и повторно изматете. Филот распоредете го врз подлогата од бисквити. Оставете го колачот во фрижидер кратко да се излади додека ја подготвувате глазурата.
Во еден сад ставете 100 грама шеќер во прав и три лажици сок од лимон, па сè соединете. Пожелно е глазурата да биде густа како кондензирано млеко. Прелијте ја глазурата врз колачот и оставете го во фрижидер кратко да се излади. По желба, можете да го посипете со листови бадем.







