[ФОТО] Спектакл што ќе се памети: Милиони Европејци го набљудуваа затемнувањето на Сонцето, улиците беа преполни, а глетката ги остави без здив

Точка

13/08/2026

09:38

1.476

Големина на фонт

а а а

Милиони луѓе во Европа во средата вечер имаа можност да го набљудуваат затемнувањето на Сонцето, а феноменот го следеа од различни јавни места и локации, како паркови и видиковци, со помош на специјални очила и рачно изработени помагала за безбедно набљудување.

Феноменот на целосно затемнување, кога Месечината се наоѓа точно помеѓу Сонцето и Земјата и ги блокира сончевите зраци, беше видлив во северниот и централниот дел на Шпанија, дел од Португалија, како и во делови од Гренланд и Исланд. Во Шпанија ова беше првото целосно затемнување на Сонцето по 144 години.


Неколку стотици луѓе се собраа во Лодоса, град во североисточниот дел на Шпанија, според пишувањето на шпанскиот јавен сервис „RTVE“, каде што беа поставени телескопи, а посетителите подготвија специјални очила и друга опрема. Се додава дека следното затемнување на Сонцето во Шпанија ќе може да се набљудува на 2 август следната година, како и таканареченото „прстенесто“ затемнување во јануари 2028 година.


Според пишувањето на „Le Figaro“, неколку илјади Парижани и туристи се собраа во паркот Андре Ситроен во Париз, кој се смета за едно од најдобрите места за набљудување на затемнувањето, додека и просторот кај Пон Неф беше преполн со луѓе.


„Sky News“ ги пренесе впечатоците на Ден Вајтхед, кој затемнувањето го набљудувал на плажата во Њуки, Корнвол, во Велика Британија, а феноменот го опишал како „нешто слично на зора“.


„Можете да почувствувате како повторно станува посветло, неверојатен момент. Целата плажа експлодираше од емоции. Сите бевме како на игли“, изјавил Вајтхед.


Затемнувањето започна над Беринговото Море, а заврши над Атлантскиот Океан. Таканареченото целосно затемнување траеше само околу 11 минути, додека вкупното времетраење на целиот феномен беше нешто помалку од четири и пол часа.