Организаторите на Евровизија објавија дека за 2027 година ги промениле правилата, според кои телевизискиот сервис на земјата победничка „автоматски нема да има право да биде домаќин“ доколку нејзината држава е вклучена во „вооружен конфликт“ или „чувствителна геополитичка ситуација“.
Во пресрет на Евровизија 2026 во Виена, низа земји, меѓу кои Шпанија, Холандија, Ирска и Словенија, се заканија дека ќе се повлечат доколку Израел не биде исклучен поради војната во Газа. Овие земји не учествуваа на годинашниот натпревар.

Европската радиодифузна унија (ЕБУ) соопшти дека правилата се изменети по повратните информации од телевизиските куќи што учествуваат на натпреварот и дека новите правила ќе им овозможат поголема јасност на изведувачите и продукцискиот персонал.
Директорот на Евровизија, Мартин Грин, изјави: „Евровизија постојано се развива, а годишната ревизија на правилата е важен дел од напорите натпреварот да остане фер, транспарентен и доследен за сите учесници, вклучувајќи ги и милионите луѓе ширум светот кои го следат. Како и секогаш, водејќи се од повратните информации од нашите членки, за 2027 година ги разјаснивме и заостривме правилата во неколку области. Целта на овие промени е на сите вклучени да им обезбедиме поголема јасност, да ги заштитиме изведувачите и да осигуриме дека натпреварот и понатаму ќе нуди безбедна и поттикнувачка средина, притоа зачувувајќи ги духот и интегритетот што ја прават Евровизија толку посебна“.

Евровизија 2027 ќе се одржи во Бугарија, откако пејачката Дара во мај победи на годинашниот натпревар во Виена.







