Марија Чадина има 25 години и е една од најефикасните онлајн пропагандистки на рускиот претседател Владимир Путин и Кремљ.
Таа е влијателна блогерка со стотици илјади следбеници на социјалните мрежи. Покрај тоа, мажена е за руски војник, а „Новаја Газета Европа“, веб-страница на руската опозиција во егзил, ја обвини дека сака војната во Украина да ја прикаже како „гламурозна и тренди“.
Чадина, облечена во дизајнерска облека и со беспрекорна шминка, со нежен глас им зборува на своите следбеници за војната во Украина, исто како што просечна инфлуенсерка, на пример, им раскажува на своите следбеници што купила или како се подготвила за патување.

„Чадина наизменично објавува содржини за љубовта и семејниот живот со тврдења дека во Русија нема политичка репресија, дека Украина нема државен суверенитет и дека нема да има нов бран на мобилизација“, се наведува на веб-страницата.
„Секси блогерката“, како што ја нарече „Сан“ е родена во 2000 година, кога Путин дојде на власт, во Обнинск, град оддалечен 96 километри од Москва. Сепак, дури во 2025 година почнала да објавува содржини за политиката и војната.
За кратко време собрала стотици илјади следбеници на Инстаграм, кој инаку е забранет во Русија и е достапен само преку ВПН.
На социјалните мрежи таа споделува и видеа и фотографии од повторните средби со својот сопруг, војникот Владимир, кога тој се враќа дома, но одбива да разговара со „либералните“ медиуми. Таа вели дека е горда што ја нарекуваат агентка на Кремљ.
Откако почна да се пишува за неа, а особено по неодамнешната статија на „Тајмс“, таа се огласи со саркастично видео на англиски јазик.
„Ви благодарам за вниманието што ѝ го посветувате на мојата скромна личност, но грешите. Јас не сум гламурозна пропагандистка на Путин. Јас сум само обична Русинка. Се викам Маша [Марија] Чадина. Ви благодарам. Ви благодарам многу“, порача таа.
Потоа на руски јазик рече дека е родена во времето кога Путин дошол на власт: „Мојот прв збор, патем, не беше ’мама‘, туку ’Путин‘“.

Чадина се пошегува и дека нејзиниот сопруг заминал во војна „само за јас да можам да започнам блог“.

Извор од „Дијалог“, организација која му помага на Кремљ да влијае врз социјалните мрежи, за „Новаја Газета Европа“ изјави:
„Таа беше на вистинското место во вистинското време. Нејзиниот канал и видеата погодија право во целта: симпатична, прекрасна млада сопруга на војник кој се бори во ’специјалната воена операција‘ и патриотка“.
Една новинарка напиша: „Ова е најопасниот облик на пропаганда: луѓето толку многу се занесуваат во прекрасните фотографии што не успеваат да анализираат што всушност зборува Марија“.

За неа прокоментира и друг руски корисник на социјалните мрежи: „Оваа млада жена е опасна… со својот смирен настап им влева лажно чувство на сигурност на оние на кои им се заканува мобилизација. Таа промовира апсолутно антихуманистички вредности“.
На сето тоа таа кратко одговори: „Се плашат од мене!“, додавајќи емотикони со смеа.










