Истражувачки центар во Кембриџ, во рамките на проект вреден 20 милиони фунти (околу 23,4 милиони евра), ќе одгледува минијатурни човечки органи за тестирање лекови.
Научниците очекуваат органоидите и ткивата одгледани од човечки клетки да дадат попрецизни резултати од животните врз кои досега се тестирале медикаментите, изјави професорот по педијатриска гастроентерологија на Институтот за матични клетки во Кембриџ, Матијас Зилбауер.

„Тоа ќе има големо влијание …“
„Тоа ќе има големо влијание врз бројот на животни што се користат и врз начинот на кој во иднина ќе развиваме нови лекови. Не велиме дека во блиска или догледна иднина целосно ќе престане употребата на животни, бидејќи сè уште постојат одредени прашања кои не можат да се тестираат со овие нови модели, но значително намалување е сосема реално“, изјави Зилбауер.
Минијатурните човечки органи и другите ткива ќе се одгледуваат од клетки на пациенти на британската Национална здравствена служба („NHS“), со цел да се подобри тестирањето на лековите и да се намали бројот на животни што се користат при нивниот развој.
Научниците ќе користат мали структури од ткиво за да откријат како болестите се разликуваат од еден до друг пациент, што ќе им помогне да утврдат кои третмани се најсоодветни за различни луѓе врз основа на конкретната патологија што стои во основата на нивната состојба.

Попрецизни и посигурни тестови
Овој потег означува премин од традиционалната употреба на животни како модели за човечките болести кон она што истражувачите го сметаат за попрецизни и посигурни тестови, засновани директно на човечки ткива.
Според статистичките податоци, повеќе од 90 проценти од лековите што успешно ќе го поминат тестирањето врз животни на крајот не ги поминуваат испитувањата врз луѓе, што отвора прашања за вредноста и ефикасноста на ваквите тестови.

„Многу човечки болести или воопшто не се појавуваат кај животните или кај нив се манифестираат на поинаков начин, бидејќи тие не се луѓе. Сакаме тестови и модели кои можат да ни покажат кои третмани функционираат и кај кои пациенти, а глушецот не може да ни го каже тоа“, изјави Зилбауер.












