Тим европски истражувачи, анализирајќи древни кадилници од теракота стари 2.000 години, открил дека домовите на богатите жители на Помпеја, кои биле затрупани со пепел и лава за време на ерупцијата на Везув во 79 година од нашата ера, мирисале „дрвенесто и земјено“, со нота на цитрус.
Благодарение на таканаречената сензорна археологија, односно низа хемиски анализи, истражувачите дошле до овие сознанија анализирајќи две кадилници од теракота, кои пред неколку децении биле ископани во Помпеја и во блискиот град Боскореале, пренесе „Сајенс алерт“.
Едната кадилница потекнувала од зграда која во времето кога еруптирал Везув била претворена во гостилница, додека другата била откриена во домашно светилиште во селска вила, заедно со други ритуални предмети.

Обликот, декорацијата и археолошкиот контекст на овие садови укажувале дека во нив биле палени мирисливи дарови за време на домашни верски церемонии.
Истражувачите знаеле за овие практики бидејќи за принесувањето темјан, вино, цвеќе, овошје и житарки на домашните богови, познати како Лари и Пенати, пишувале древните римски автори, меѓу кои и римскиот поет Проперциј. Сепак, досега археолозите имале многу малку директни физички докази што би покажале што точно палеле луѓето.
Анализите на кадилниците покажале дека во нив биле палени мешавини од растенија, меѓу кои даб, ловор и растенија од семејството на коскесто овошје, заедно со различни тревки. Тие можеби биле користени како гориво за палење на темјанот, но некои од нив можеби и самите биле принесувани како жртвени дарови.

Многу од овие растенија биле локално достапни во околината на Помпеја, што се совпаѓа со претходните откритија на изгорени смокви, пињоли и други растителни дарови пронајдени во светилиштата во Помпеја.
Во една од анализираните кадилници биле зачувани хемиски траги од посебна смола, за која било утврдено дека потекнува од истото ботаничко семејство како и темјанот, но се верува дека била набавена од далечни краишта преку трговските мрежи поврзани со Римското Царство.

Истражувачите наведоа дека се претпоставува оти ароматичните смоли од Арабија, тропска Африка и Азија биле транспортирани на север преку Црвеното Море, а потоа минувале низ Александрија и продолжувале кон Италија, каде што на крајот стигнувале до домаќинства како оние во Помпеја.
Во истата кадилница биле пронајдени и можни хемиски траги од производи од грозје, можеби вино или оцет.
Древните текстови опишуваат прелиминарни жртвени обреди во кои верниците истурале вино додека истовремено палеле темјан, што укажува дека наслагите од пепел во Помпеја ги зачувале хемиските остатоци од ритуалите изведени пред речиси 2.000 години.









