Нова дигитална алатка „Пратеници.мк“ ги доближува отворените податоци на Собранието до граѓаните

Макфакс

10/08/2026

10:50

158

Големина на фонт

а а а

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје ја лансираше новата платформа „Пратеници.мк“ што овозможува лесен пристап до отворените податоци за работата на Собранието, со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста пред јавноста.

Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје ја претстави новата дигитална платформа „Пратеници.мк“, која им овозможува на граѓаните, новинарите, истражувачите и организациите на граѓанското општество полесен пристап до отворените податоци за работата на Собранието.

Интерактивен панел

„Интерактивниот панел ги претвора сложените и технички формати на собраниските отворени податоци во прегледни и лесно пребарливи информации. Корисниците можат да ги следат пратеничките прашања, активностите на пратениците, работата на канцелариите за контакт со граѓаните, како и други показатели поврзани со парламентарната работа, со можност за пребарување, филтрирање и споредување на податоците. Платформата е развиена врз основа на официјално објавените отворени податоци на Собранието на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

Цели на платформата

Од Институтот велат дека целта на платформата е да придонесе кон поголема транспарентност и отчетност на Собранието, но и да покаже дека отворените податоци имаат вистинска вредност само кога се разбирливи и употребливи за јавноста.

Користење и визуелизација

„Пратеници.мк е создаден за секој што сака брзо и лесно да дојде до релевантни информации за работата на избраните претставници. Интерактивниот панел се служи со отворените бази на податоци достапни на open.data порталот на Собранието, и нуди можност за нивно користење, пребарување и визуелизација на едноставен и интуитивен начин“, вели Александра Јовевска, раководителка на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација во ИДСЦС.

Проект и поддршка

„Пратеници.мк“ е платформа развиена во рамки на проектот „Отворени податоци на Собранието во пракса: Поттикнување граѓанско учество“, поддржан преку грантовата шема Digital Spark, како дел од проектот Regional Support Mechanism EECA, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и TechSoup, во партнерство со CIVICUS и во рамки на Digital Democracy Initiative (DDI), која го опфаќа Глобалниот југ.