Штерјова од СДСМ ја критикува тишината на Обвинителството во врска со нападот на младите во Ново Село, истакнувајќи дека насилниците од ВМРО се познати, но сè уште нема одговорност или постапка од државното обвинителство.
Нападот врз младите во Ново Село е кривично дело што се гони по службена должност. Според Законот за кривичната постапка, Јавното обвинителство е должно да постапи штом има сознание – не мора да чека никого да поднесе пријава, вели Кети Штерјова од СДСМ.
„Има сознание. Има јавни изјави. Има барања. Има имиња. А Обвинителството – молчи. Државниот јавен обвинител Савески е на „екскурзија“. Тој и онака ретко се јавува кога народот бара правда. Се јавува само кога ќе го повика Мицкоски – преку медиуми, од собраниска говорница или директно по телефон. Кога граѓаните бараат заштита, Савески или не се јавува, или е на екскурзија и не може. Во меѓувреме, од десетиците што учествуваа во нападот, веќе се познати барем двајца: Петар Марков – пратеник на ВМРО, Наско Димитриев – член на ВМРО и возач на градоначалникот. Едниот е пратеник. Другиот е човек близок до локалната власт на ВМРО. А Обвинителството сè уште „не знае“ кој ги нападна младите. Ова е свесно одбивање да се заштитат граѓаните кога насилниците се од владејачката структура. Додека Савески е на екскурзија, а Мицкоски на своја, младите остануваат без заштита, а насилниците – без одговорност. Доаѓа време кога и ова ќе мора да се објасни“, рече таа.






