Детали за несреќата во Радишани: Возачот кој избега му го пресекол патот на младиот мотоциклист кој загина

Макфакс

09/08/2026

11:47

938

Големина на фонт

а а а

Јавното обвинителство објави информации за сообраќајната несреќа во Радишани каде загина млад мотоциклист. Осомничен е возач кој го пресекол патот на моторциклистот и избегал од местото на инцидентот, при што младиот човек добил тешки повреди од кои починал.

Обвинителството објави детали за страшната сообраќајка во Радишани во која загина 19-годишен мотоциклист од село Побожје, скопско.

Основното јавно обвинителство Скопје во скратена постапка гони 46-годишник осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

Осомничениот, на 7 август околу пладне, со „сеат алтеа” возел по улицата „Радишанска”. На крстосницата со улица „18”, на која сообраќајот не е регулиран со знаци, свртел во лево без да ги пропушти возилата кои доаѓале од спротивна насока. На тој начин го пресекол патот на мотоцикл „кавасаки” кој од спротивната страна на крстосницата го задржувал правецот на движење.

За да избегне директен судар со автомобилот, мотоциклистот отишол во лево, преминувајќи на коловозната лента наменета за движење возила во спротивна насока.

Но, таму со предниот дел од моторот удрил директно во автомобил „алфа ромео” кој доаѓал од спротивната страна. Од силата на ударот мотоциклистот Никола Макрачевски излетал, паднал на коловозот и се здобил со тешки телесни повреди од кои починал, а полесно бил повреден и возачот на автомобилот “алфа ромео”.

Осомничениот, наместо да укаже помош на повредените, по несреќата го напуштил местото.

Со цел обезбедување на лицето во текот на постапката, јавниот обвинител предложи да му бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува во Судот, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола.