ССНМ: Новинарите мора да имаат пристап до информации

Макфакс

07/08/2026

10:40

126

Големина на фонт

а а а

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија ја изразува загриженоста за ограничувањето на пристапот до информации од јавен интерес и повикува на итна и транспарентна комуникација на Владата со медиумите за почитување на слободата на медиумите.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија со загриженост констатира дека „се појавува пракса во која Владата систематски одбива да одговара на новинарски прашања и го ограничува пристапот до информации од јавен интерес. Истата се повтори и на вчерашниот настан на кој владиниот Пи-ар одговараше селективно на новинарски прашања“.

„Обврска на Владата е да комуницира транспарентно со јавноста. Молкот не смее да биде политика, а новинарските прашања не смеат да останат без одговор. На овој начин новинарите не можат да добијат верификација на информациите кои ги бараат, а прес-конференциите не смеат да се претворат во монолози без простор за прашања.

ССНМ потсетува дека ПР службата на Владата има јасна обврска да одговори на секое новинарско прашање — без право да толкува дали прашањето „заслужува“ одговор или не. Одлуката за тоа кои прашања се релевантни не се во надлежност на владините комуникациски служби — тоа е во надлежност на новинарите, медиумите и јавноста. Ваквата пракса не смее да продолжи.

Исто така, ССНМ бара од владините претставници задолжени за комуникација со медиумите да комуницираат со новинарите со почит и професионализам.

ССНМ бара Владата итно да воспостави редовна и отворена комуникација со медиумите, да овозможи пристап до информации од јавен интерес и да ги почитува стандардите на медиумската слобода загарантирани со Устав“, се наведува во соопштението на ССНМ.