[ВИДЕО] Сопственици на ресторан во Србија му подариле автомобил на вработен, снимката стана вирална: „Дали ова го гледаат и другите директори?“

Точка

06/08/2026

18:18

652

Големина на фонт

а а а

Во последните денови на ТикТок се шири видео од Србија во кое работодавец го изненадил својот долгогодишен работник со нов автомобил. Снимката е направена на 28 јули, за време на отворањето на нов дел од угостителски објект во Чачак.

Емотивното видео брзо стана вирално, а досега е прегледано повеќе од 1,4 милиони пати. На него се гледа работникот Маринко, кој, придружуван со аплауз и скандирање од присутните, излегува од објектот. Таму го пречекала ќерката на сопственикот и му ги врачила клучевите од новиот автомобил.

На долгогодишниот работник му врачиле клучеви од нов автомобил

„Ова ти е подарок од нашето семејство, за сиот труд, љубовта што ја вложи овде. Знам колку даде од себе. Едноставно, немам други зборови да ти се заблагодарам за сè. Овие клучеви се твои и автомобилот е твој“, му вели ќерката на сопственикот додека му ги предава клучевите од новиот автомобил.


Потоа објаснила дека Маринко веќе многу години е со нив и дека ваков подарок навистина заслужил. Маринко не ги криел емоциите и видно трогнат ги прифатил клучевите.

Личноста која го снимила видеото открила дека сопственикот Славко не сакал ваков вид промоција, ниту пак му била намерата на тој начин да стекнува популарност. Сепак, присутните одлучиле да ја споделат снимката, по што таа брзо се проширила на социјалните мрежи. Таа додала дека ресторанот „Ракичевиќ“ во Чачак работи речиси 20 години, првенствено како простор за организирање различни свечености.

„Дали го гледаат ова директорите на другите фирми?“

Освен големиот број прегледи, снимката собра и многубројни реакции од корисниците на „ТикТок. Многумина го пофалија сопственикот затоа што го препознал и го наградил трудот на својот долгогодишен работник. „Секоја чест, гледам дека децата плачат од среќа... и мене ми потекоа солзи...“, напиша едно лице.


„Дали го гледаат ова директорите на другите фирми, онака прашувам. Секоја чест, госпоѓо, што го цените својот работник. Бог нека ви даде уште повеќе и вам и нему“, стои во друг коментар. „За почит“, „Секоја чест“ и „Секоја чест за газдата, а и за работникот“, порачаа други.

„Ова е повеќе од автомобил. Ова е порака до сите работодавци како се чува и цени човекот што ти помага да го градиш својот сон. Кога работникот не го гледаш само како број или трошок, туку како дел од семејството, добиваш лојалност што нема цена... Браво“.