Шумски пожари беснеат во повеќе региони во Грција, особено во близина на Атина, предизвикувајќи евакуации и големи напори за гасење поради тешките услови и ветровите.
Шумски пожари денеска беснеат во повеќе делови на Грција, вклучително и во близина на Атина, а силниот ветер дополнително го отежнува гаснењето и евакуацијата на загрозеното население.
Грчките власти издадоа предупредувања за опасност од пожари во неколку области во регионите Атика и Евиа. Од вчераутро низ земјата се пријавени повеќе од 70 шумски пожари, а високите температури, сувото време и ветерот придонесуваат за нивно брзо ширење.
Најголем пожар е активен во близина на крајбрежниот град Порто Гермeно, околу 60 километри западно од Атина. Во гаснењето се вклучени и авиони, по цела ноќ борба на пожарникарите со огнената стихија.
Поради пожарот, властите наредија евакуација на жителите од Порто Гермeно, Псата и Митикас преку системот за итни случаи.
Локалните медиуми јавуваат дека 12 лица биле спасени со чамци во текот на ноќта, а огнот уништил повеќе куќи и едно противпожарно возило.
Пожар избувнал и во планинскиот дел западно од Атина, каде што стигнал до предградието Хајдари и се приближил до психијатриската болница Дафни. Од објектот превентивно биле евакуирани 17 пациенти, иако пламените јазици не го зафатиле просторот на кој се наоѓа болницата.
Со пожарите се борат екипи и во северозападниот дел на Пелопонез, додека состојбата на Крит е подобрена.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го посети кризниот центар на Цивилната заштита за да добие информации за состојбата и активностите за справување со пожарите.





