Сметка од ресторан во луксузното туристичко место Порто Черво на Сардинија предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, откако се појави информација дека шолја еспресо таму чини дури 10 евра.
Вниманието на јавноста го привлекоа и другите ставки на сметката – шише вода било наплатено 12 евра, додека таканаречениот кувер изнесувал 15 евра по лице.
Фотографијата од сметката поттикна дебата
Сè започнало со објавата на Фејсбук-страницата „Braciami Ancora“, каде што била споделена фотографија од сметка од познатиот ресторан „Зума“.
„Лето на Сардинија во една фотографија. Поради која ставка вие би скокнале од столчето? Мене најмногу ме шокираше кафето од 10 евра“, напишале во описот на објавата.

Вкупниот износ на сметката бил 532 евра, а фотографијата набрзо предизвикала голем број коментари. Најмногу реакции предизвикале цената на водата и дополнителната наплата за услугата.
„Дванаесет евра за вода е навистина премногу“, напишал еден корисник.
„Петнаесет евра за кувер и 12 евра за вода? Зарем тоа некому му е нормално?“, се запрашал друг корисник.
„Порто Черво не е вистинската Сардинија“
Сепак, има и такви кои сметаат дека ваквите цени не се никакво изненадување, бидејќи Порто Черво е едно од најпознатите луксузни туристички одморалишта во Европа.
Сместен на североисточниот дел од Сардинија, Порто Черво е познат по ексклузивните хотели, скапите ресторани, луксузните јахти и гостите со „длабок“ џеб.

„Порто Черво не е Сардинија. Тоа е Дизниленд за богатите и цените се во согласност со тоа. Но, тоа не е вистинската Сардинија“, истакнал еден корисник.
Друг бил уште подиректен:
„Тогаш останете си дома, па нема да се шокирате. Никој не ве тера среде сезона да одите во скап ресторан на место кое важи за едно од најскапите во светот“.
Сепак, дел од корисниците сметаат дека ниту една локација и ниту една услуга не можат да ги оправдаат толку високите цени.

„Ниту еден производ, ниту една услуга не вредат толку“, напишал еден од коментаторите.
Имаше и шеговити реакции
Меѓу бројните коментари се најдоа и такви со хумористичен тон.
„Сами си се виновни. Двајцата испиле четири шишиња вода, а не нарачале ниту капка вино“, се пошегувал еден корисник.

Додека едни сметаат дека цените се во согласност со луксузната дестинација, други тврдат дека истите сепак се претерани, дури и за Порто Черво.







