Враќање кон корените: Меколи Калкин наводно преговара за продолжение на „Сам дома“

Точка

28/07/2026

20:28

454

Големина на фонт

а а а

Поминаа 34 години откако Меколи Калкин последен пат, како Кевин Мекалистер се пресмета со провалниците, а сега се чини дека неговото враќање е поблиску од кога било. Во меѓувреме, франшизата доби неколку продолженија без оригиналната ѕвезда, но веста дека се водат преговори за нов филм со Калкин во главната улога брзо одекна меѓу обожавателите на божиќниот класик.

Имено, актерот кој се прослави со улогата во култниот филм на Крис Колумбус, наводно е подготвен повторно да го оживее ликот на Кевин Мекалистер. Филмскиот инсајдер Метју Белони во својот поткаст „The Town“ откри дека Дизни и Калкин одржале состанок за враќањето на Кевин Мекалистер, пишува „World of Reel“. Според него, доаѓањето на Калкин во канцелариите на Дизни предизвикало огромна возбуда, бидејќи студиото со години сака да сними продолжение со оригиналната ѕвезда, иако актерот досега постојано ги одбивал таквите понуди.

Белони додаде дека Дизни е исклучително нетрпелив и активно се обидува да го убеди актерот да се приклучи на проектот. Иако неговиот брат Киран Калкин денес бележи големи успеси и има освоено Оскар, студиото целото внимание го насочува кон Меколи, верувајќи дека токму неговото враќање ќе биде главниот адут за привлекување на публиката.

Визијата на Калкин за приказната

Интересно е што Калкин не е само пасивен учесник во преговорите. Уште минатата година потврди дека е отворен за идејата, но под еден услов: „Не би бил целосно против тоа… Но сè мора да биде направено како што треба“. Се чини дека актерот има и конкретна визија за тоа како треба да изгледа продолжението. Според Белони, неговата идеја за приказната ги воодушевила сите што ја слушнале и ја сметаат за одличен начин франшизата повторно да оживее.


Замислата на Калкин го следи Кевин како самохран татко кој, растргнат меѓу работата и својот син, сфаќа дека со текот на годините станал ист како своите родители. Се претворил во презафатен возрасен човек, токму против она што некогаш се бунел, а тензиите во семејството сè повеќе растат.


Својата идеја ја опишал со следните зборови:

„Имав една идеја. Или сум вдовец или разведен. Одгледувам дете и се соочувам со сè што доаѓа со тоа. Работам многу, не му посветувам доволно внимание и детето почнува да ми се лути. Потоа останувам заклучен надвор од куќата. [Синот на Кевин] не ме пушта внатре… и токму тој ми поставува стапици. Куќата е некаков вид метафора за нашиот однос. [Кевин мора] повторно да го пронајде патот до срцето на својот син“.

Ренесанса на кариерата

Меколи Калкин денес има 45 години. Откако на само десетгодишна возраст стана светска ѕвезда и најплатеното дете-актер во историјата, се повлекол од актерството кога имал само 14 години. Поминал низ турбулентен период, со години не се појавувал во јавноста, а потоа се вратил како фронтмен на бендот „The Pizza Underground“. Сепак, во последните неколку години сведочиме на своевидна ренесанса на неговата кариера, со улоги во втората сезона на серијата „Fallout“, анимираниот филм „Zootopia 2“ и документарецот „Macaulay Culkin’s Midlife Crisis“, пишува „LADbible“.

По филмот „Сам дома 2: Изгубен во Њујорк“, Калкин повеќе не се појавувал во франшизата, која во меѓувреме доби уште четири продолженија – „Сам дома 3“, „Сам дома 4“, „Сам дома 5“ и „Сам дома 6“, од кои последните три завршија директно на телевизија или на стриминг-платформи.

Предизвици на патот до реализацијата

Иако враќањето на оригиналниот Кевин звучи како сигурен успех, пред продукцијата стојат бројни предизвици. Клучното прашање е дали може да се сними достојно продолжение без легендарните „Влажни бандити“. Тоа значи дека студиото ќе мора да ги убеди и Џо Пеши и Даниел Стерн повторно да ги толкуваат своите култни улоги.


Дополнителна пречка е и режисерот на првите два филма, Крис Колумбус, кој претходно изјавил дека смета оти оригиналната магија не може повторно да се создаде.