Кој е напаѓачот (21) што ја шокираше Германија? Неодамна беше ослободен од затвор, а поминал и програма за дерадикализација

Точка

26/07/2026

15:19

1.094

Големина на фонт

а а а

Германската полиција интензивно трага по 21-годишниот Абдул Рахман Туфик Балут, осомничен за смртоносниот напад за време на Парадата на гордоста (CSD) во Берлин, во кој загина една жена, а 14 лица беа повредени, од кои некои се во животна опасност.

Според германските медиуми, Балут со години им бил познат на полицијата и безбедносните служби поради поврзаност со исламистички кругови. Истражителите се сомневаат дека токму тој го изнајмил белиот „Citroën SpaceTourer“ со кој во саботата вечерта бил извршен нападот, но сè уште не е официјално потврдено дека во моментот на нападот тој управувал со возилото.

Балут е роден во 2005 година во Берлин, германски државјанин е со либанско потекло, а според медиумските извештаи претходно бил евидентиран како лице што претставува безбедносен ризик. Дел од германските медиуми објавија дека бил симпатизер на таканаречената Исламска држава (ИС).


Според весникот „Ди Велт“, Балут во мај оваа година бил ослободен од малолетнички затвор, каде што издржувал казна поради подготовка на тешко кривично дело што ја загрозува државата, обид за поттикнување на кривично дело и закани. Претходно, „ВДР“, „НДР“ и „Зиддојче Цајтунг“ објавија дека против него била водена истрага поради обид да отпатува во Сирија со цел да ѝ се приклучи на Исламската држава. Тој бил уапсен во ноември 2025 година по враќањето од Либан на аеродромот во Берлин.


Според истражувањето на „ВДР“ и „Зиддојче Цајтунг“ Балут повеќепати бил тема на состаноците на Заедничкиот центар за борба против тероризмот во Берлин, а германската Сојузна криминалистичка служба (БКА) го проценувала нивото на ризик што го претставува со помош на системот „Радар-иТЕ“.

По излегувањето од затвор, тој бил на условна слобода и му било наложено да учествува во 26 разговори во рамките на програмата за дерадикализација и превенција на екстремизам. Причината биле негови објави на социјалните мрежи во кои, според истражителите, изразувал поддршка за терористичка организација, иако не е објавено за која група станува збор.


Првите два разговори биле одржани на 15 јуни и 9 јули, додека третиот бил закажан за понеделник. Според „Ди Велт“, за време на тие средби не било проценето дека тој претставува непосредна закана.

Полицијата, наводно, извесно време го следела за време на жалбената постапка. Откако на социјалните мрежи објавил фотографија со оружје, бил извршен претрес во неговиот стан, но бил пронајден само пиштол-играчка.

Тој бил и под мерки на надзор, вклучително и следење на неговиот телефон, како и обврска редовно да се јавува кај службеникот задолжен за надзор на лицата на условна слобода.

Според интерен безбедносен извештај во кој увид имал „Focus Online“, за Балут постојат обемни податоци поврзани со исламистичката идеологија. Во меѓувреме, истражителите проверуваат информации што упатуваат на можен соучесник, чиј идентитет засега не е утврден.


Германските власти во моментов нападот го третираат како можен терористички чин, односно политички мотивирано насилство од национално значење.

По нападот, специјалните полициски единици извршија претрес на зграда во берлинската населба Шенеберг, каде што Балут бил пријавен на адреса, на околу 1,2 километри од местото на нападот. За време на акцијата се слушнала силна експлозија, но осомничениот не бил пронајден, ниту пак некој бил уапсен.

Еден од соседите изјавил за „Focus Online“ дека го познава Балут уште од детството.

„Го познавам уште откако беше мало момче. Тука порасна. Се надевам дека брзо ќе го пронајдат“, рекол соседот, додавајќи дека за време на полициската акција му била оштетена влезната врата од станот.

Пратеничката од ФДП, Каролине Прајслер, која со години ги следи радикалните пропалестински протести, објави на социјалната мрежа Икс дека информациите од нејзини извори за возилото користено во нападот претходно биле доставени до надлежните институции.


„Со години предупредував дека може да се случи ваква ситуација“, порача таа во видеопорака.

Германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добриндт, исто така пред неколку дена предупреди на зголемена опасност од терористички напади во Германија.

Потсетуваме, нападот се случи во саботата околу 22 часот во близина на берлинскиот Тиргартен, кога возило со голема брзина влета меѓу учесниците на Парадата на гордоста.

Според информациите на полицијата, едно или повеќе лица потоа избегале од местото на настанот, а неколку луѓе се здобиле и со убодни рани.

Потрагата по осомничениот сè уште трае.