Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се поклони пред жртвите од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, истакнувајќи дека градот никогаш нема да ги заборави и дека трагедијата ја претворила надежта во повторно изградена солидарна заедница.
По повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оддаде почит на жртвите и порача дека градот никогаш нема да ги заборави трагичните настани од 26 јули 1963 година.
Тој потсети дека во 5 часот и 17 минути, за само неколку секунди, биле згаснати повеќе од илјада човечки животи, биле разурнати домови и разделени семејства.
„Зад секоја бројка остана нечие дете, родител, сопруг, пријател, нечиј цел свет. Денес, со длабока почит, се поклонуваме пред споменот на жртвите. Нивната болка е вградена во темелите на нашиот град, а обврската да не ги заборавиме е вечна“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека од урнатините и трагедијата се родила надеж, благодарение на светската солидарност и поддршката што Скопје ја добило од целиот свет.
„Скопје повторно беше изградено со љубов, храброст и подадени раце од целиот свет. Денес наша должност е да продолжиме таму каде што застанаа генерациите пред нас – да го чуваме, унапредуваме и градиме со визија, одговорност и љубов кон секој негов дел“, порача тој.
Ѓорѓиевски нагласи дека најголемата почит кон жртвите е создавањето современо, безбедно и достоинствено Скопје, кое ќе го почитува своето минато и ќе ја гради својата иднина.
„Скопје памети. Скопје тагува. Но Скопје никогаш не престанува да живее, да се обновува и да чекори напред. Нека е вечен споменот на жртвите од катастрофалниот земјотрес. Нека живее Скопје – градот на солидарноста, надежта и непокорот“, порача Ѓорѓиевски.











