СДСМ: Да се направи анализа и на водата во Велес, има наводи за присуство на „Ешерихија коли“

Макфакс

24/07/2026

11:10

149

Големина на фонт

а а а

СДСМ побара итни и вонредни анализи на квалитетот на водата за пиење во Велес и други градови во државата поради наводи за присуство на Escherichia coli, како и проверка на состојбата со водоснабдувањето.

СДСМ побара вонредни анализи на водата за пиење во Велес и околните населени места, како и проверка на квалитетот на водата во сите градови и општини во државата.

„Конкретно во Велес СДСМ побара да се проверат сите водоводи поради тоа што последните наоди и стручни мислења коишто се јавно објавени покажуваат дека скоро секаде во селските водоводи има Escherichia coli индикатор за фекално загадување“, велат од партијата.

СДСМ бара и на дневен ред на Советот на Општина Велес да биде ставена посебна точка за состојбата со водоснабдувањето и квалитетот на водата.

Во соопштението партијата наведува дека, по случаите со загадена вода во Гостивар, Валандово, Лешок и Крушево, неопходно е да се спроведе итна и целосна проверка на водата за пиење во целата држава и резултатите јавно да бидат објавени.

Од СДСМ порачаа дека граѓаните имаат право да знаат каков е квалитетот на водата што ја користат и побараа надлежните институции да излезат со конкретни информации и мерки.