Ротердам со децении важи за еден од најсмелите европски градови кога станува збор за архитектурата. Од познатите Коцкести куќи (Cube Houses) и импресивниот пазар Марктхал (Markthal), па сè до футуристичкото уметничко депо на Музејот Бојманс ван Беунинген, овој пристаништен град е познат по градби што ги поместуваат границите на дизајнот.
Но, се чини дека најимпресивното допрва доаѓа. Имено, холандското архитектонско студио МВРДВ победи на меѓународниот конкурс за проектот „Rotterdam ROCKS!“, спектакуларна градба вредна околу 240 милиони евра, која треба да стане новиот препознатлив симбол на вториот по големина град во Холандија.
Своевидна урбана џунгла која ќе стане ново живеалиште за растенија и животни
Конкурсот го распиша општествената иницијатива „Shift“ со цел да се осмисли нова знаменитост која преку архитектурата, уметноста и природата ќе поттикне размислување за климатските промени и одржливоста.

Победничкиот проект е замислен како градба со површина од околу 30.000 квадратни метри, составена од седум огромни карпи наредени една врз друга.
Но, наместо бетонски комплекс, архитектите осмислиле своевиден вештачки пејзаж кој потсетува на урбана џунгла. Надворешноста на зградата ќе биде исполнета со тераси, пешачки патеки, панорамски видиковци и зелени површини, а специјалната обвивка на објектот ќе содржи бројни вдлабнатини исполнети со земја и вода, кои ќе служат како живеалиште за растенија, инсекти и други животни.
Карпите одвнатре ќе бидат поврзани со мрежа од изложбени простори налик на пештери
Како што пренесува порталот „Time Out“, авторите на проектот сакаат да покажат дека архитектурата и природата не мора да бидат спротивставени, туку можат да функционираат како единствен екосистем. Седумте карпи одвнатре ќе бидат поврзани со мрежа од изложбени простори налик на пештери, а во центарот на комплексот ќе се наоѓа „The Elysium“, имерзивен мултимедијален простор посветен на одржливата иднина.

Таму, преку уметнички инсталации и интерактивни содржини, посетителите ќе можат да истражуваат можни сценарија за развојот на градовите и животот во свет погоден од климатските промени. Проектот вклучува и хотел со 200 соби, голема гастрономска зона, простори за конференции, едукација и собирање на локалната заедница, како и панорамски видиковец со поглед кон градот.
Не беше лесно да се избере победник меѓу дури 80 врвни кандидати
Амбициозниот проект „Rotterdam ROCKS!“ ќе биде централниот симбол на новата населба Ватеркант, која се гради на јужниот брег на реката Мас. Во тој дел од градот се планира изградба на околу 3.750 нови домови, како и училишта, културни содржини, ресторани, канцеларии, спортски кампус, нова железничка станица и голем парк приспособен на климатските промени и порастот на нивото на морето.

Посебно внимание ќе биде посветено и на одржливоста. Според најавите на авторите, за време на изградбата ќе се тестираат најновите нискојаглеродни технологии, кои треба значително да го намалат влијанието на градежниот сектор врз животната средина.
Сепак, патот на студиото МВРДВ до победата воопшто не бил лесен. На овој меѓународен конкурс пристигнале дури 80 пријави, а во финалето се пласирале пет реномирани архитектонски студија, меѓу кои и британското „Heatherwick Studio“, автор на познатата њујоршка градба „Vessel“.
Холандската знаменитост би можела да стане симбол на одржливата иднина
По повеќемесечно оценување, токму „Rotterdam ROCKS!“ беше прогласен за најдобар проект. Иако датумот за почеток на изградбата сè уште не е објавен, проектот веќе привлече големо внимание кај архитектите и урбанистите.

Организаторите на конкурсот дури го опишуваат како кандидат за ново „светско чудо“, односно знаменитост што треба да стане симбол на одржливата иднина и да инспирира слични проекти ширум светот.













