Основното јавно обвинителство во Гевгелија поднесе обвинителен предлог за мерка притвор за лице кое физички ја нападнало сопругата во семеен дом, поради конфликт околу тестаментот што го потпишала мајката на жената. Дополнително, лице испратило закани за запалување на куќа, што предизвикало страв и загрозување на сигурноста.
Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе Обвинителен предлог со кој побара и определување мерка притвор за едно лице поради основано сомнение дека сторило кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, како и кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
Семејно насилство
При вршење семејно насилство, ноќта меѓу 18 и 19 јули, обвинетиот телесно ја повредил неговата сопруга по претходна вербална расправија во домот околу тестаментот што го потпишала мајката на оштетената. Тој почнал да ја навредува оштетената, а потоа и физички ја нападнал, удирајќи ја со боксови и клоци во главата и телото и нанесувајќи и телесни повреди – повеќе крвни подливи.
Закана за запалување на куќа
Вечерта на 19 јули, откако оштетената го пријавила во полициската станица и заминала во куќата кај нејзината ќерка, обвинетиот испратил СМС порака со заканувачка содржина на телефонот на ќерката дека ако сопругата не се врати дома тој купил 10 литри бензин и ќе ја запали куќата, со што кај нив предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.
Предлог за мерка притвор
Имајќи ги предвид сите околности, а особено фактот дека обвинетиот ги сторил кривичните дела во услови кога е осуден за претходно сторено кривично дело загрозување на сигурноста и му е изречена мерка – условна осуда 3 месеци, а за која рокот на проверка од 1 година се уште трае, јавниот обвинител оцени дека е неопходно да предложи да му биде определена мерка притвор додека трае новата постапка против него.







