Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар, свика состанок и ги повика куќните совети да ги проверат безбедносните ризици на фасадите и покривите на зградите, како дел од мерките за справување со штетите предизвикани од силното невреме во општината.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свика состанок на Штабот за заштита и спасување, на кој присуствуваа сите раководители на сектори, претставници на МВР, ЈП ПОЦ и други надлежни служби. На состанокот беа донесени повеќе насоки за справување со последиците од силното невреме што ја зафати општината.

Меѓу мерките што беа договорени се формирање комисија за проценка на штети, задолжение до сите куќни совети да ги проверат безбедносните ризици на своите згради( фасади и покриви), како и апел до општествено одговорни фирми и партнери да се вклучат со својата механизација во расчистувањето на паднатите покривни конструкции.
Дополнително, хигиеничарите на ПОЦ ќе бидат распоредени во неколку смени за да бидат постојано присутни на терен и да помагаат во расчистувањето на паднатите дрва, гранки и други остатоци.

„Безбедноста сега е клучна. Мора да има координација меѓу куќните совети и станарите, а солидарноста и одговорноста мора да бидат на високо ниво. Нашите екипи на терен се поделени во две смени, а попладневната екипа е подготвена да реагира и доколку има ново невреме. Дополнително, и администрацијата во Општината доби наредба да се вклучи во напорите за расчистување. Сите сили мора да ги впрегнеме заедно, затоа што станува збор за елементарна непогода,“ истакна Герасимовски.
Во текот на синоќешните и денешните активности се расчистени повеќе локации низ Центар. Со тешка механизација се подигнати лимените конструкции од крововите на повеќе места, меѓу кои во Буњаковец, на улицата Благоја Давков , спроти трговскиот центар „Рамстор“ и кај „Агромеханика“. Во исто време интензивно се работи на отстранување на паднати дрва, гранки и шут низ улиците.

Герасимовски уште еднаш ги повика граѓаните да останат внимателни и да се вклучат во заедничките напори за побрзо справување со последиците од невремето.















