ВМРО-ДПМНЕ: Загрозено е здравјето на граѓаните во Гостивар, институциите да го расветлат случајот

Макфакс

19/07/2026

09:30

929

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ ја критикува локалната власт во Гостивар за начинот на кој управуваат со водоводната мрежа, наведувајќи дека се загрозува здравјето на граѓаните поради загадување на питката вода, што предизвикало масовно труење и бараат институциите да го расветлат случајот.

Неспособноста и аматеризмот на коалицијата на СДС, ДУИ и Арбен Таравари во Гостивар, кои го доведоа градот во колапс, излегоа на површина. Според информациите постои основано сомнение дека здравјето на граѓаните е директно загрозено, затоа што општинските власти поставиле пумпи во отпадни води за да се зголеми притисокот во водоводната мрежа, велат од ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение.

Симптоми на труење и загадување

„Во изминатите денови над 1000 гостиварски граѓани, меѓу кои и деца со симптоми на труење побарале лекарска помош во болница, а според сомнежите, причина за тоа е загадувањето на питката вода во Гостивар.

Критика за локалната самоуправа

Ова е вистинското лице на локалната самоуправа во Гостивар, предводена од коалицијата СДС, ДУИ и Таравари, на ваков непрофесионален, аматерски и незаконски начин ги извршуваат работните активности за кои граѓаните ги избрале.

Ваквиот начин на водење на локална самоуправа, кој граѓаните ги остави без елементарно право на чиста и безбедна вода за пиење, е доказ дека СДС, ДУИ и Таравари немаат капацитет да ја водат општината.

Повикување за расветлување

Во овие неизвесни моменти, ВМРО-ДПМНЕ е заедно со гостиварчани, го осудува овој скандал во Гостивар и изразува загриженост за здравјето и животот на граѓаните.

Граѓаните заслужуваат достоинствени услови за живот и тоа го очекуваат од нивните локални избраници, а не да живеат во страв поради неодговорното владеење на СДС, ДУИ и Таравари.

Бараме и очекуваме целосно расветлување на случајот од страна на сите надлежни институции и повикуваме секој кој со своите постапки го загрозил здравјето и го ставил во опасност животот на граѓаните, да одговара согласно закон“, се вели во соопштението.