Левица алармира за внесување непроверена вода во водоводниот систем на Гостивар, барајќи истрага и брзи мерки поради можни здравствени ризици за граѓаните и потенцијални коруптивни и неодговорни постапки во системот за водоснабдување.
Левица соопшти дека информациите оти преку пумпи поставени во коритото на Вардар била црпена вода и директно внесувана во водоснабдителниот систем на Гостивар отвораат сомнение за исклучително тешко и неодговорно постапување, доколку тие наводи се потврдат.
Од партијата посочуваат дека површинска речна вода не смее непосредно да се внесува во систем за вода за пиење, туку претходно мора да помине низ соодветен процес на прочистување, дезинфекција и контрола на хемиската и микробиолошката исправност. Доколку таков третман не постоел или бил заобиколен, според Левица, не станува збор за техничка импровизација, туку за свесно внесување непроверена вода во инфраструктура од која директно зависи здравјето на десетици илјади граѓани.
Во соопштението се наведува дека евентуалните последици не се ограничуваат само на водата што во тој момент истекла од чешмите. Според Левица, доколку загадена вода навлегла во главниот цевковод, постои ризик да бидат контаминирани примарната и секундарната водоводна мрежа, домашните инсталации, славините, бојлерите, резервоарите и другите делови од системот во кои се задржува вода.
Оттаму оценуваат дека не е доволно водоснабдувањето повторно да биде пуштено врз основа на еден исправен примерок, туку бараат целосно испирање и дезинфекција на мрежата, повеќекратни анализи од различни точки и временски интервали, како и јасни упатства за домаќинствата, училиштата, градинките, угостителските објекти и здравствените установи. Додаваат дека, доколку загадувањето било од повисок степен, ризик би можел да постои не само при пиење, туку и при миење, капење и друг контакт со водата.
Левица ја критикува и изјавата на директорката дека причината за заболувањата била храната, оценувајќи дека со тоа се прејудицира истрагата и се префрла одговорноста од јавното претпријатие. Од партијата додаваат дека фактот што дел од заболените користеле флаширана вода не го исклучува водоводниот систем како можен извор, бидејќи водата од чешма се употребува за подготовка и миење храна, миење садови, лична хигиена и други секојдневни активности.
Во соопштението се наведува дека, доколку се потврди оти преку пумпи без претходен третман била внесувана вода во системот, кривичната одговорност треба да се утврдува по целиот управувачки и команден синџир, а не само кај лицето што ја вклучило пумпата. Според Левица, потребно е да се утврди кој ја донел и одобрил одлуката, кој го определил местото за црпење на водата, кој бил должен да ја провери нејзината исправност и кој дозволил таа да стигне до домовите на граѓаните. Во најмала рака, наведуваат од партијата, директорот на јавното претпријатие задолжено за водоснабдувањето морал да знае или бил должен да знае за таквата интервенција.
Од Левица сметаат дека Обвинителството не смее пасивно да го чека конечниот лабораториски наод, туку веднаш треба да обезбеди докази за тоа кој поставувал пумпи, кој издавал наредби и под кои услови се внесувала вода во системот.
Партијата бара итно времено отстранување на одговорните лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар и од сите позиции од кои би можеле да влијаат врз доказите, независна анализа на водата и водоводната мрежа, јавно објавување на сите наоди и детална истрага за улогата на раководството на претпријатието и на Општина Гостивар.
Во завршниот дел од соопштението, Левица оценува дека случајот покажал оти корупцијата, неспособноста и неодговорното управување немаат етничка припадност и дека последиците ги трпат сите граѓани. Партијата додава дека вистинската поделба не е меѓу етничките заедници, туку меѓу граѓаните кои ги сносат последиците и, како што наведува, политичко-бизнис елитите кои со години управуваат без одговорност.















