Европа крева штит: Мерц и Макрон ги здружија силите против Кина

Макфакс

17/07/2026

20:20

275

Големина на фонт

а а а

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон ја зајакнуваат одбранбената соработка меѓу двете земји и се спротивставуваат на економскиот притисок од Кина, вклучувајќи планови за нуклеарно одвраќање и континуирање на проектот FCAS.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон денес ветија дека ќе ја продлабочат одбранбената соработка и ќе се спротивстават на силната економска конкуренција од Кина, која, според нив, врши голем притисок врз Европа поради прекумерното производство и потценетата валута.

Мерц и Макрон се состанаа како дел од редовните заеднички седници на владите на двете земји, обидувајќи се да ги надминат тензиите што се појавија по пропаѓањето на долгонајавуваниот проект за заеднички борбени авиони претходно оваа година.

Заедничка одбрана

– Ние правиме што е потребно за да ја заштитиме нашата слобода, нашата безбедност и нашата заедничка одбрана – рече Мерц на заедничката прес-конференција, каде што двајцата лидери презентираа список на цели, вклучувајќи системи за противракетна одбрана и оружје со долг дострел.

Двајцата лидери ја критикуваа Кина, велејќи дека Пекинг не ги почитува правилата на меѓународната трговија затоа што ѝ обезбедува на својата индустрија најмалку осум пати поголема државна поддршка од другите земји од ОЕЦД.

– Ниту во дипломатијата ниту во економијата не сме против Кина, но ја гледаме ситуацијата трезвено и јасно – рече Макрон, додавајќи дека трговскиот дефицит на Европа со Кина изнесува една милијарда евра дневно.

Нуклеарно одвраќање

Двајцата лидери претходно предложија Франција да соработува со Германија во областа на нуклеарното одвраќање, по најавите од Вашингтон за намалување на своите одбранбени обврски во Европа.

– Тука применуваме постепен пристап и можно е тоа на крајот да доведе до нова доктрина, но е прерано да се каже тоа – рече Мерц, истакнувајќи дека секоја соработка би ги дополнила постојните аранжмани во рамките на НАТО.

Макрон јасно стави до знаење дека Франција ќе ја задржи целосната одговорност за финансирање на своето нуклеарно одвраќање.

– Финансирањето на француската нуклеарна програма секогаш ќе го обезбедува Франција – одговори тој на прашањето за можната германска учество.

За иднината на FCAS

Проектот „Иден воздушен борбен систем“ (FCAS) ќе продолжи и покрај напуштањето на плановите за заеднички борбен авион.

Владите на Франција и Германија одржуваат заеднички седници од 2003 година. Првата сесија беше во Париз, по повод 40-годишнината од потпишувањето на Елисејскиот договор од 1963 година, со кој двете земји поставија темели за повоено помирување и тесна соработка.