Општина Карпош обезбеди пункт за бесплатно одлагање на кабаст отпад за жителите. Кабастиот отпад, вклучувајќи стар мебел и електронски апарати, може да се одложи без надоместок во одреден временски период, а постои и услуга за собирање од домаќинствата со наплата. ЈП Комунална хигиена ги предупредува граѓаните за законските последици од неправилно одлагање отпад.
Општина Карпош ги известува своите жители дека можат да го одлагаат кабастиот отпад од своите домаќинства во пунктот на ЈП Комунална хигиена – Скопје, кој се наоѓа во населбата Карпош 3 на бул. Илинден (позади бензинската станица „Макпетрол“, во непосредна близина на СЦ „Борис Трајковски“).
„Граѓаните можат самите да го одложат кабастиот отпад (од 07 до 19 часот, секој ден во неделата), во којшто спаѓаат стариот мебел, душеци, кревети и слична покуќнина, електронски и електрични апарати, санитарија, дрвенарија, (прозорци, врати и сл.), без да платат паричен надоместок.
Доколку не се во можност да го сторат тоа, карпошани можат да закажат услуга до ЈП Комунална хигиена, која со специјални комунални возила ќе го преземе и транспортира кабастиот отпад од нивните домови. Оваа услуга се наплаќа, а термините за закажување се од понеделник до петок, во период од 07 до 15 часот на следните телефонски броеви: 0800 222 33 и 3216 644“, велат од Општината.
Од ЈП Комунална хигиена – Скопје предупредуваат дека секое одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини претставува прекршување на Законот за јавна чистота и подлежи на санкции, а ваквото несовесно однесување може да резултира со исклучително штетни последици за животната околина и јавното здравје.







