Вечерва на фестивалот Скопско лето во Националната галерија на Македонија се отвора изложбата „Траги во графиката“ на Виктор Семенпеев. Во рамки на програмата следуваат проекција на филмот „Бикини Мун“ и концерт за десет години од постоењето на Националниот џез оркестар.
Вечерва на фестивалот Скопско лето ќе се отвори изложба на графика насловена „Траги во графиката“ на Виктор Семенпеев, во Национална галерија на Македонија – Мала станица, со почеток во 20:30 часот.
Самостојната изложба на графики на Виктор Семенпеев претставува избор на дела во кои линијата, текстурата и отпечатокот се носечки елементи на визуелниот израз. Преку техники на длабок печат, сува игла, акватинта и сериграфија, авторот создава комплексни композиции што се движат меѓу апстрактното и асоцијативното. Неговите графики се исполнети со слоеви, ритам и суптилни визуелни траги кои го повикуваат гледачот на лично читање и интерпретација. Изложбата отвора простор за размислување за меморијата, времето и процесот на создавање, откривајќи ја графиката како медиум на истражување и современ ликовен дијалог.

Утре вечер продолжува Кинотеката на Скопско лето со проекција на филмот „Бикини Мун“ во режија на Милчо Манчевски, која ќе започне во 20:15 часот во Кинотеката на Македонија. Билетите за проекцијата се во продажба на karti.com.mk
Истата вечер со почеток во 20:30 часот во Музеј на град Скопје ќе се одржи документирана изложба и концертен настап по повод 10 години Национален џез оркестар, настан насловен „Трага во времето – 10 години Национален џез оркестар“.

„JAZZ10“ е визуелна архива на десет години современ македонски џез, со фотографии, материјали и приказни што сведочат за сцената и музичарите што ја обликуваа оваа деценија.
Проектот ја отвора приказната за една сцена што расте, експериментира и создава сопствен звук, преку концерти, авторски проекти, соработки и луѓе кои го градеа нејзиниот континуитет.
Влезот е слободен.











