Министерката Сања Божиновска одржа средба со германската развојна банка „KfW“ за продлабочување на соработката во областа на енергетската ефикасност, фокусирајќи се на обновата на студентски домови и јавни објекти со цел подобрување на енергетскиот систем и финансиската одржливост.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа работна средба со претставници на германската развојна банка „KfW“, на која беа разгледани тековните активности и можностите за понатамошно продлабочување на соработката во областа на енергетската ефикасност.
Во фокусот на разговорите беа тековните активности што „KfW“ ги поддржува за енергетска обнова на студентските домови, како и следните чекори за проширување на инвестициите во обнова на јавни и комерцијални објекти, со цел намалување на потрошувачката на енергија, подобрување на условите за користење и долгорочни финансиски заштеди.
„ Енергетската ефикасност е еден од најисплатливите начини да создадеме поквалитетни јавни услуги, пониски трошоци и поодржлив енергетски систем. Нашата цел е да го прошириме опфатот на ваквите проекти и да создадеме систем кој ќе носи мерливи резултати за институциите и за граѓаните“, истакна министерката Божиновска.
На состанокот беше направен осврт и на успешните практики што се спроведуваат во земјите од регионот, при што беа разгледани можностите за размена на искуства и примена на докажани модели во Македонија, со цел побрза реализација на идните инвестиции во енергетската ефикасност.
Посебен акцент беше ставен и на воспоставувањето и ставањето во функција на EPC системот, кој претставува клучна алатка за мониторинг, верификација и управување со сертификатите за енергетска ефикасност. Неговото целосно оперативно функционирање ќе овозможи поголема транспарентност, подобро следење на резултатите од спроведените мерки и поквалитетно планирање на идните инвестиции.











