Димитриеска-Кочоска се фали со рекордни инвестиции, а всушност ребалансот е признание за неуспех велат од СДСМ

Макфакс

03/07/2026

19:08

163

Големина на фонт

а а а

СДСМ ја критикува министерка Гордана Димитриеска-Кочоска за промоција на ребалансот на Буџетот како рекордни капитални инвестиции, оценувајќи дека тоа е пропаганда и признавање на неуспех поради заостанување на приходите и ниска реализација на проектите.

„Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска денеска се фали дека со ребалансот на Буџетот обезбедуваат „рекордни“ 46 милијарди денари за капитални инвестиции. Ова е уште една пропагандна изјава која нема допир со реалноста“, велат од СДСМ.

„Фактите се следи:

• Ребалансот не е направен затоа што „одговорно управуваат со јавните финансии“, туку затоа што приходите значително заостануваат зад планираното.

• Капиталните инвестиции во реалноста се реализираат со многу ниска стапка – често под 50%. Минатата година, и покрај големите бројки на хартија, реализацијата беше далеку под очекуваното.

• Наместо вистински развојни проекти, поголемиот дел од буџетот оди за тековни трошоци – плати, пензии, отплата на долгови и одржување на системот.

• Зад „рекордните инвестиции“ се крие зголемено задолжување, партиски криминални тендери и префрлање на средства од едни во други категории, само за да се создаде впечаток на активност.

Организираната криминална група во Владата на Мицкоски, која ја предводи тендер коалицијата нема развојна стратегија. Има само пропагандна машинерија која секој ребаланс го претставува како историски успех, додека граѓаните се соочуваат со поскапувања, ниски плати и празен буџет.

Ова не се „рекордни инвестиции“ туку рекордна измама на јавноста“, се наведува во соопштението на СДСМ.