Попладнево на територијата на Општина Штип избувна трет пожар, овојпат во просторот меѓу Штипска млекара и текстилната конфекција „Албатрос“, каде што огнот зафати сува вегетација и предизвика густи облаци од црн чад.
Поради опасноста пожарот да се приближи до производствените објекти, од безбедносни причини беа евакуирани вработените во конфекцијата „Албатрос“. На терен интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица Штип, членови на Доброволното противпожарно друштво Штип, полициски службеници, како и жители од населбата Каленица.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информираше дека пожарот во селото Бучиште е локализиран, но дека во огнената стихија целосно изгорела една куќа. Тој посочи дека најкритична точка во моментов е селото Ратавица, каде што еден крак од пожарот брзо се шири кон населеното место.
Во текот на денот пожар избувна и на тврдината Исар, при што огнот се доближи до куќите во истоимената населба. Благодарение на интервенцијата на пожарникарите, доброволците и локалното население, пожарот е локализиран. Според очевидци, можно е пожарот да бил предизвикан од искрење на жица од електричен столб.
Во меѓувреме, во штипското село Чардаклија пожар целосно зафати фотоволтаична централа, при што е причинета голема материјална штета. Покрај стариот регионален пат и натаму има тлеење на теренот.
Иван Јорданов изјави дека штетата настаната во пожарот кај фотоволтаичната централа е значителна.
Покрај состојбата во Штип, сериозни пожари се регистрирани и во Пробиштипско, каде што, според информациите од надлежните служби, огнот зафатил една куќа, а во гаснењето се ангажирани три авиони „Ер трактор“.
Според податоците на Центарот за управување со кризи, во моментов се активни три големи пожари на отворен простор, а надлежните институции продолжуваат со интервенциите за нивно ставање под контрола.











