Холандија имаше големи амбиции на овој мундијал и планот беше да се бори за највисоките места до самата завршница, па иако воведната групна фаза „лалињата“ ја одработија речиси перфектно, првата нокаут рунда донесе големо разочарување.
Тимот на Роналд Куман беше надигран од Мароко и покрај тоа што водеше до 91-та минута, но откако прими гол во судиското продолжение, работите почнаа да одат надоле за играчите во портокалови дресови.
Иако Холандија нема пораз во регуларен дел на Светско првенство од 2006-та година, малерите со неуспеси во продолженија и пенал рулети и натаму се нижат, па откако тимот не ја оствари посакуваната цел, Куман реши да преземе одговорност.
Роналд се одјави од холандската репрезентација неполни 24 часа по болниот пораз од Мароко, па на тој начин им ја исполни желбата на критичарите кои создадоа огромен притисок во текот на вчерашниот ден.
– Ме боли што моето време во холандската репрезентација завршува на ваков начин. Сите сонувавме за Светско првенство на кое ќе испишеме историја, но не го остваривме тоа.
– Никој не е поразочаран од мене, па како селектор на репрезентацијата, ја преземам одговорноста. Отсекогаш максимално сум вложувал во репрезентацијта и секогаш ќе и стојам на располагање. Одлучив дека е вистинско време да се тргнам настрана и да поминам повеќе време со мојата сопруга, со децата и внуците. Во овој момент, ова ми изгледа како природна одлука, – порача Куман.






