Иран му порача на Макрон: Не се мешај во прашањето за Ормускиот теснец

Макфакс

30/06/2026

13:10

226

Големина на фонт

а а а

Иран го отфрли предлогот на претседателот Макрон за меѓународна соработка околу Ормускиот теснец и му порача на Париз да не се меша во стратегиски важните морски премини. Иран ги негираше и најавените американско-ирански преговори во Доха и предупреди за компликации поради француските провокации.

Иран му порача на Макрон: Не се мешај во прашањето за Ормускиот теснец

Иран го отфрли предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за меѓународна соработка околу Ормускиот теснец, предупредувајќи го Париз да не се меша во прашањата што се однесуваат на еден од стратешки најважните морски премини во светот.

Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, ја отфрли идејата дека група земји, вклучувајќи ги Франција и Велика Британија, учествуваат во деминирањето на овој воден пат, наведувајќи дека таков потег би бил во спротивност со привремениот мировен договор што Иран го потпиша со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

„Според Меморандумот за разбирање од Исламабад, деминирањето го врши исклучиво Иран и ниедна друга земја. Во основа, ние нема да дозволиме такво нешто“, напиша Гарибабади на социјалната мрежа Икс.

Оценувајќи дека ситуацијата е „чувствителна и комплексна“, тој додаде дека „силно ѝ советува на Франција да не ја комплицира дополнително со своите провокации“.

Неговите изјави беа директен одговор на Макрон, кој претходно во понеделникот објави дека разговарал со султанот на Оман, Хајтам бин Тарик, за поморска мисија насочена кон заштита на бродскиот сообраќај и обезбедување „слободен и безусловен премин“ низ Ормускиот теснец.

Во исто време, Техеран ги доведе во прашање најавените американско-ирански преговори, за кои американскиот претседател Доналд Трамп рече дека треба да се одржат во Доха оваа недела, пишува „Политико“.

По размената на воздушни напади во текот на викендот, Вашингтон и Техеран постигнаа договор за прекин на непријателствата и продолжување на преговорите. Трамп објави дека разговорите ќе се одржат во главниот град на Катар, но портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, во понеделникот изјави дека не се планирани преговори со Соединетите Американски Држави.

„Во наредните денови нема да има преговори со американската страна, на кое било ниво“, рече Багаеи.