Граѓанските иницијативи: Да се изедначат условите за учество на изборите со партиите

Макфакс

29/06/2026

11:30

129

Големина на фонт

а а а

Девет независни граѓански иницијативи бараат измени на Изборниот законик кои би ги изедначиле условите за учество на изборите со тие на политичките партии. Тие ги повикуваат властите и јавноста на инклузивен процес за изборна реформа, вклучувајќи ги и независните чинители.

Девет независни граѓански иницијативи побараа итни измени на Изборниот законик со кои, како што наведуваат, ќе се изедначат условите за учество на изборите со оние што важат за политичките партии. Станува збор за иницијативите „Шанса за Центар“, „Независни заедно“, „Подобро за Тетово“, „Ред за Куманово“, „Поинаку – Битола“, „Зелените од Гази Баба“, „Стига е – Струмица, Ново Село и Босилово“, „Ја штитам Беласица – Ново Село“ и „Движење правда“.

Во заедничко соопштение тие бараат независните иницијативи неодложно да бидат вклучени во процесот на подготовка и донесување на измените на Изборниот законик. Воедно, изразуваат незадоволство што, како што наведуваат, по средбата во Министерството за правда не добиле писмен одговор дали нивните предлози ќе бидат разгледани, кои од нив ќе бидат прифатени и кога ќе бидат вклучени во понатамошната расправа.

Меѓу барањата се намалување на бројот на потребни потписи за независни кандидати и листи, можност потписите да се собираат и на терен пред овластени лица, продолжување на рокот за собирање потписи од 15 на 30 дена, јасно означување на независните листи на гласачкото ливче, ист реден број за кандидатот за градоначалник и советничката листа од ист предлагач, транспарентна ждрепка за редоследот на гласачкото ливче, можност за поднесување делумни советнички листи, како и кандидатот за градоначалник да може истовремено да биде и кандидат на советничката листа од истиот предлагач.

Тие, исто така, бараат еднаков пристап до медиумите, дебатите, платеното политичко рекламирање и финансирањето, како и поедноставување на регистрацијата и финансиско-административните обврски за независните иницијативи, особено за оние што веќе освоиле советнички мандати.

Во соопштението се наведува дека овие предлози се темелат на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, Венецијанската комисија и европските практики. Независните иницијативи ги повикуваат Министерството за правда, работната група за Изборниот законик, Собранието, меѓународните партнери и јавноста да обезбедат изборната реформа да биде инклузивен процес во кој ќе учествуваат сите релевантни изборни чинители, вклучително и независните граѓански иницијативи.