Тошковски и Љамалари се договорија за заеднички гранични контроли меѓу Македонија и Албанија

Макфакс

27/06/2026

17:10

190

Големина на фонт

а а а

Македонскиот и албанскиот министер за внатрешни работи потпишаа договор за воспоставување заеднички гранични контроли за поефикасно и побезбедно управување со границата меѓу Македонија и Албанија со цел олеснување на движењето и намалување на времето на чекање.

Тошковски и Љамалари со потпис се договорија за заеднички гранични контроли меѓу Македонија и Албанија

Македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за внатрешни работи на Република Албанија Бесфорт Љамалари во Пешкопеја, Албанија потпишаа Договор за воспоставување заеднички гранични премини и спроведување заеднички гранични контроли меѓу двете држави.

-Со овој договор се воспоставува современа и функционална рамка за поефикасно управување со заедничката граница, со цел олеснување на движењето на луѓе и стоки, унапредување на безбедноста и намалување на времето на чекање на граничните премини, информираат од МВР.

Договорот предвидува формализирана институционална соработка, фазна имплементација преку протоколи приспособени на секоја локација, како и зајакнати механизми за координација и размена на информации меѓу надлежните служби.

Во обраќањето, министерот Тошковски истакнал дека договорот претставува значаен чекор кон поефикасно, побезбедно и попредвидливо управување со границата, со директни придобивки за граѓаните, стопанството и институциите.

Тој нагласил дека заедничките гранични процедури не само што го олеснуваат протокот, туку и ја зајакнуваат способноста на двете држави за справување со прекуграничен криминал, трговија со луѓе и други безбедносни ризици, преку координирано постапување и размена на информации.

Особено било истакнато дека имплементацијата ќе се одвива постепено и контролирано, со цел секој заеднички граничен премин да биде целосно оперативно и правно подготвен пред стапување во примена.

Министерот Тошковски упатил благодарност до експертските тимови, правните советници, полициските службеници и сите институции од двете земји кои учествуваа во подготовката на договорот, нагласувајќи дека нивната работа е клучна за постигнатиот резултат.

Потпишувањето на договорот на граничниот премин Блато, како што велат од МВР, претставува важна пресвртница во билатералната соработка меѓу Македонија и Албанија и потврда на заедничката заложба за модерно, ефикасно и безбедно управување со границите.

Со ова се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји на Република Македонија кои не се дел од Шенген зоната, имајќи предвид дека истиот веќе успешно функционира со Србија и Косово.