Алиу за најавената реконструкција: Не аплицирав за министер, институциите ќе одлучат

Макфакс

26/06/2026

15:20

317

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека не аплицирал за функцијата министер и дека институциите ќе одлучат за неговата иднина, истакнувајќи дека продолжува со максимален ангажман во подобрување на здравствениот систем без оглед на реконструкцијата во владата.

Министерот за здравство, Азир Алиу изјави дека е свесен оти секој ден може да му биде последен на министерската функција, коментирајќи ги информациите во јавноста дека владината реконструкција би можела да го опфати и него.

Одговарајќи на новинарско прашање кому ќе му ги предаде започнатите проекти, Алиу рече дека секој ден работи со максимален ангажман за да придонесе во решавањето на проблемите и создавањето нова вредност во здравствениот систем.

„Секој ден кога доаѓам на работа јас сум свесен дека може да е последен ден од политичка гледна точка, од функција министер, и затоа секој ден ми е со ангажман за да може да го исполнам со решавање на проблеми или креирање на нова вредност во здравствениот систем“, изјави Алиу.

Тој нагласи дека функцијата министер е институционална и политичка, а не лична.

„Ова е институционално прашање, не е лично прашање, бидејќи јас не аплицирав, немаше конкурс за да аплицирам да станам министер, туку ова е политичка функција, институционална, и институциите треба да одговорат кој ќе биде на чело на едно министерство, во случајот на Здравство“, рече министерот.

Алиу додаде дека без разлика кој ќе го води Министерството за здравство во иднина, ќе ги поддржи започнатите процеси.

„Кој и да ги продолжи овие процеси, јас секој ден ќе се радувам како дете заедно со тој што ќе го води ресорот“, истакна тој.

Според Алиу, неговата заложба за општеството нема да престане, без оглед дали ќе остане на министерската функција.

„Јас нема да застанам тука ако сум или не сум министер за здравство. Можеби функциите не зависат од мене, но политичката активност што ја имам и вредностите што ги носам, зависат од мене и тие не може никој ниту да ми ги даде ниту да ми ги земе. Јас ќе продолжам понатаму во ова општество да придонесувам на начин на кој ќе ми биде возможно тоа да го направам“, порача Алиу.